Фото: Фејсбук/„Грубовци, Ениџе Вардар – родна Македонија“

Владата не открива од која институција протекла дипломатската нота со која била загрозена безбедноста на семејството на Мицкоски

Дипломатскиот „документ“, на кој се повикува премиерот, е објавен од фејсбук-групата „Грубовци, Ениџе Вардар – родна Македонија“. Во него, покрај датумот на патувањето, наведено е приближното време кога сопругата и помалиот син на Мицкоски ќе ја преминат границата меѓу Македонија и Бугарија, како и детали за нивното обезбедување

Не би имале што повеќе да додадеме од изјавата на премиерот денес, ни одговори портпаролката на Владата Марија Митева на прашањето – кои се вашите информации, од каде е протечен документот, дали од бугарското МНР, бидејќи тој првично беше објавен на социјалните мрежи. На прашањето – кој го информираше НАТО, дали вие, како Влада, и кој е посочен како виновник за протечениот документ, односно што пишува во реакцијата до НАТО, до објавувањето на овој текст не добивме одговор од Владата.

Овие прашања „Слободен печат“ ги упати до Владата по нејаснотиите што произлегоа од изјавата на премиерот Христијан Мицкоски за „објавувањето во јавноста на дипломатска нота поради неколкудневниот престој на неговата сопруга и помалиот син во Пампорово, Бугарија, на почетокот на оваа година. Новинарското прашање беше – дали очекува некаква промена во односите со Бугарија, а во контекст на учеството на претседателот на Собранието, Африм Гаши, на конференцијата на Парламентарното собрание на Југоисточна Европа во Софија, во чии рамки спикерот имаше билатерална средба со претседателката на бугарскиот парламент Михалеа Милчева-Доцова.

– Па, јас не очекувам, туку сигналите што доаѓаат оттаму не ме прават оптимист, напротив, состојбата се радикализира. Еве, вчера видовме еден преседан во дипломатијата, кога излезе дипломатска нота за тридневен престој на мојата сопруга со мојот помал син кај наши пријатели, да речеме, во Пампорово, нешто што е невообичаена практика во светот на дипломатијата и можеби единствена како таква. Замислете сега ние да ги вадиме сите дипломатски ноти што ги испраќаат од нашиот источен сосед и практично во тие дипломатски ноти пишуваат работи што можеби, исто така, би биле интересни за јавноста. Така што вчера видов еден преседан – рече Мицкоски.

Тој додаде и дека за случајот веќе ги информирал партнерите на Македонија во НАТО, бидејќи со објавувањето на дипломатската нота, како што кажа, се загрозува безбедноста на неговото семејство. Тој им се извини на сопругата и на помалиот син што морале сето ова да го трпат.

– Сепак, ние сме земја членка на НАТО. Јас ја користам оваа пригода и на мојата сопруга и на мојот помал син Антонио да им се извинам што мора сето ова да го трпат. Но, сите овие индикатори што ги гледаме, не велат дека одиме кон подобрување, туку напротив, имаат некои аматерски потези, кои за мене се тотално неразумни и нејасни. Но, како и да е, ние да останеме фокусирани на тоа што е наша задача, а тоа е да испорачуваме за реформската агенда, да ги правиме реформите дома, да ја градиме економијата, да раснеме итн. Тоа е она што претставува наша задача како Влада, тие нека си ја тераат својата работа, ние работата за која сме избрани од граѓаните, а тоа е да испорачуваме проекти и да решаваме проблеми – изјави Мицкоски.

Дипломатската нота за која говори Мицкоски е допис од 6 јануари годинава, со кој македонската амбасада во Софија го информира Министерството за надворешни работи на Бугарија дека сопругата и еден од синовите на премиерот ќе патуваат во Пампорово, Бугарија, на 8 јануари. Дипломатскиот документ минатата недела беше објавен на социјалните мрежи.

Како што може да се види во дипломатскиот документ, објавен од групата „Грубовци, Ениџе Вардар – родна Македонија“, во него покрај датумот на патувањето, наведено е приближното време кога сопругата и помалиот син на Мицкоски ќе ја преминат границата меѓу Македонија и Бугарија, како и детали за нивното обезбедување – имињата на неговите членови, возилата со кои патуваат, комуникациските уреди и вооружувањето што го носат со себе.

Осумдневен притвор за скопјанецот што ги запали бугарските дипломатски возила

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот