Седница на Уставен суд / Фото: Слободен Печат / Драган Митрески

Уставните судии не сакаат да се покуси од колегите во Врховен – во платите!

Платите на претседателот на Уставниот суд и на судиите на ќе бидат зголемени по 1 октомври во ист сооднос како и зголемување на платите на судиите во редовното судство. Со донесувањето на одлуката со која на сите останати судии во државата им се зголемува коефициентот настанала парадоксална ситуација, па така платите на претседателот на Врховниот суд и на судиите се повисоки од платите на претседателот и на судиите во Уставниот суд.

Ова и функционалната автономија на Уставниот суд биле решавачки за уставните судии со мнозинство гласови да донесат одлука и да ги укинат членови од Законот за плати на избрани и именувани лица и да ги вратат коефициентите со кои се пресметуваа само нивните плати.

Нивните плати се регулираат со Законот за плати на функционери, во недостаток на посебен Закон за уставниот суд.

Судиите оформиле предмет по сопствена иницијатива и повеле постапка за оценување на уставноста во февруари и му определиле рок на Собранието од 60 дена да изврши измени или дополнувања на наведениот закон и да ги усогласи со правните стојалишта изнесени во Решението за поведување постапка на Уставниот суд.

-Со тоа, Судот ја искористи можноста предвидена во член 36 став 2 од Актот на Уставниот суд, да му овозможи на Законодавачот разумен рок, да интервенира, да ги отстрани утврдените недостатоци и да ги усогласи со Уставот. До истекот на определениот рок од два месеца, Собранието не го извести Судот дека ќе направи изменување и/или дополнување на Законот. Поради тоа, на 17 јуни 2026 година, Судот донесе Одлука со која ги укина наведените делови од одредбите. Во овој случај Судот го примени и член 88 од Актот на Уставниот суд и предвиде одложено дејство на Одлуката, и му остави на Собранието дополнителен рок до 1 октомври 2026 година за усогласување на законското решение со правните ставови на Судот. Доколку Собранието, до наведениот датум, не постапи во согласност со ставовите на Судот изнесени во одлуката, од 1 октомври 2026 година, при пресметката на платите на претседателот и судиите на Уставниот суд ќе се применува Законот за изменување на Законот за плата и други надоместоци на избрани и именувани лица во Република Македонија од 2024 година – велат од Уставниот суд.

Уставен се повикува на значењето на финансиската независност како составен дел на уставно загарантираната самостојност и независност на судската власт.

-Со Одлуката У.бр.21/2025 и У.бр.52/2025 од 8 април 2026 година, Судот го поништи Законот за изменување на Законот за платите на судиите од редовното судство („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 39/2026). По донесувањето на одлуката со која на сите останати судии во државата им се зголемува коефициентот, настана парадоксална ситуација, па така платите на претседателот на Врховниот суд и на судиите се повисоки од платите на претседателот и на судиите во Уставниот суд. Во овој момент, платите на судиите и на претседателот на Врховниот суд се пресметуваат според повисоки коефициенти (2,61 и 2,84), додека платите на претседателот и судиите на Уставниот суд до 1 октомври ќе останат пресметувани според пониски коефициенти. (2.60 и 2.81). Поради наведените аргументи, со Одлуката У.бр.22/2026, Судот го определува начинот на извршување на истата и нејзиното одложно дејство. Ова значи дека по истекот на определениот рок- 1 октомври 2026 година, пресметката на платите на претседателот и на судиите на Уставниот суд ќе се прави согласно со Законот за изменување на Законот за плата и други надоместоци на избрани и именувани лица во Република Македонија(„Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.272/2024), со кој е утврден повисок коефициент за пресметка на нивните плати судија – 2,85, претседател – 3,08. – дополнуваат од Уставен.

Платите на функционерите минимално ќе се зголемат, законските измени нема да ги намалат, а ќе им останат и 78-те отсто

Одлуката на Уставниот суд не предизвика големи реакции во јавноста па на социјалните мрежи реагираше само Синдикатот на културата.

-Честитаме, очигледно само за некои платата е привилегија, а за избраните е право кое самите си го носат. Истите тие уставни судии донесоа Решение за поведување постапка за оценување на уставноста и законитоста на единствениот Колективен договор за култура во целост, што постоел и се применува само неколку години од осамостојувањето на Државата, но јавно истиот за нив претставува привилегија, а не уставно загарантирано право. Со овој Колективен договор освен платите, се регулираат и сите останати работнички права на околу 2.400 вработени во културата. Оваа спротивност отвора едно суштинско прашање, дали во државата постојат две мерила за вреднување на трудот, едно за оние кои ги создаваат културните вредности и со години се борат за основни егзистенцијални и веќе стекнати права, и друго за оние кои самите одлучуваат за сопственото материјално подобрување, со претпоставка дека некоја друга виша сила им го дозволила? – се вели во реакцијата.

Ако Собранието не интервенира претседателот на Уставниот суд од 1 октомври ќе зема околу 150 илјади денари плата, додека пак уставните судии околу 140 илјади денари, односно ќе имаат поголеми плати за околу 200 евра. Овие се плати без додатоци, односно нето плати што ќе се пресметуваат од 1 октомври откако уставните судии на последната седница со мнозинство гласови си изгласале да земаат повисоки плати.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот