Фото: Општина Аеродром

ФОТО | Деца вчера го вандализирале игралиштето „Патрик“ во Аеродром — направиле штета од повеќе илјади евра

Видеото беше објавено од Никола Поповиќ на неговиот Инстаграм профил, кој објасни дека вчеравечер затекнал неколку млади деца како го кршат инвентарот на игралиштето, по што започнал да ги снима и да ја евидентира штетата, а случајот веднаш го пријавил во полиција.

На социјалните мрежи вчеравечер беше објавено видео од неколку малолетни деца кои беа затекнати како го вандализираат игралиштето „Патрик“ зад трговскиот центар „Три Бисери“, а градоначалникот Дејан Митески соопшти дека според првичните проценки, штетата изнесува повеќе илјади евра и информираше дека додека не се санира, игралиштето ќе биде затворено за посетители.

„Станува збор за едно од најубаво уредените детски катчиња во Општина Аеродром – простор создаден за игра, дружење и безгрижно детство. За жал, токму ова место вчера беше мета на несовесно и недозволиво однесување, при што е причинета штета која според првичните проценки изнесува повеќе илјади евра. Веднаш по добиените информации, заедно со екипите на Општина Аеродром излеговме на терен. Од безбедносни причини игралиштето е привремено затворено, а во најкус можен рок ќе пристапиме кон целосна санација на штетите и замена на оштетените реквизити со нови“, истакна Митески.

Фото: Општина Аеродром

Градоначалникот посочи дека случајот бил пријавен во полиција и поднесени биле соодветни пријави против сторителите.

„Ваквото однесување не смее да остане неказнето, затоа што станува збор за свесно уништување на имот што им припаѓа на сите граѓани“, порача градоначалникот, кој притоа упати посебна благодарност до сограѓанинот Никола Поповиќ, кој беше човекот кој ги затекна сторителите и случајот веднаш го пријави во полиција.

Видеото беше објавено од Никола Поповиќ на неговиот Инстаграм профил, кој објасни дека вчеравечер бил да ја провери состојбата на кошаркарското игралиште каде на 20 и 21 јуни се одржа турнирот во 3×3 кошарка „Слем Џем“, кој тој четврта година по ред го организира заедно со Матеј Стојановски.

ВИДЕОИНТЕРВЈУ | На 20 и 21 јуни ќе се одржи четвртото издание на 3х3-турнирот „Слем џем“

Откако пристигнал на локацијата, како што вели, тој затекнал неколку деца како го кршат инвентарот на игралиштето, по што започнал да ги снима и да ја евидентира штетата, а случајот веднаш го пријавил во полиција.

Митески ги повика сите граѓани доколку забележат вандализам, уништување на јавен имот или какво било несовесно однесување, веднаш да ги известат општинските служби и полицијата.

„Мора да ставиме крај на ваквите појави. Јавното добро не е ничие приватно игралиште за уништување. Тоа е создадено со средства на граѓаните и е обврска на сите нас да го чуваме и почитуваме“, изјави Митески.

Фото: Општина Аеродром

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот