РЕК Битола / Фото: Драган Митрески / Слободен печат

РЕК Битола лани испуштила повеќе ПМ-честички одошто смее за целиот Балкан

Само термоелектраната во Битола минатата година емитирала повеќе од 7.094 тони ПМ-честички, количина која е дозволена за целиот Западен Балкан, според извештајот „Усогласи или затвори“ на „Банквоч“, пренесува агенцијата Мета.

Капацитетот, во 2025 година, го надминал и загадувањето со сулфур диоксид. Најголем загадувач на Балканот, според извештајот, е Угљевиќ во Босна и Херцеговина, иако има инсталирано постројка за десулфризација. Емисиите во 2025 од 115.079 тони се највисоки откако стандардите за контрола на загадувањето стапија на сила во 2018 година.

Покрај Угљевиќ, уште четири други постројки ги надминаа максимумите за сулфур диоксид во 2025 година, Гацко и Какањ 6, исто така од Босна и Херцеговина, како и РЕК Битола во Македонија.

„Според осмото издание на извештајот ‘Усогласи или затвори’ објавен денес, систематските пропусти во спроведувањето на законите овозможија во 2025 година емисиите на сулфур диоксид (SO2) од застарените термоелектрани на јаглен во Западен Балкан да ги надминат дозволените ограничувања за 6,6 пати. Емисиите на азотни оксиди (NOx) исто така продолжија да ги надминуваат законските ограничувања, додека загадувањето со прашина се зголеми, достигнувајќи го највисокото ниво откако актуелните правила стапија на сила во 2018 година“, посочуваат од „Банквоч“.

Загадувањето со прашина, регионално бил 2,9 пати над дозволеното, повторно највисоко откако правилата стапија на сила од 2018 година. Ова, според извештајот, е главно предизвикано од ТЕЦ Битола која ги дуплирала емисиите споредено со 2024 година. На регионално ниво, емисиите на сулфур диоксид од 2018 година наваму се намалиле само скромно.

Исто како и во 2024 година, емисиите на азотни оксиди од електраните во 2025 година беа 1,4 пати над дозволеното. Косово, Босна и Херцеговина и Србија повторно ги надминаа своите законски граници, а српската Никола Тесла Б била наголем емитер со 11.247 тони.

„Во некои земји од Западен Балкан сега имаме комбинација од двете најлоши сценарија: пад на производството на енергија од јаглен без јасен пат како да се надминат социо-економските последици, комбинирано со високо и во некои случаи како Битола дополнително влошено загадување. Наместо засилено да се спроведуваат мерките за намалување на загадувањето од еколошките дозволи, владите упорно ги игнорираат. Ова веќе е прашање на почитување на основните принципи на функционирање на едно демократско општество, како што е еднаквост пред законот“, изјави Давор Пехчевски, координатор за енергија за Балканот во „Банквоч“.

Секретаријатот за Енергетската заедница има отворено повеќе случаи против државите со што, според „Бенквоч“, се потврдува нелегалната работа на термоелектричните централи.

Сепак, посочуваат оттаму, ниту една влада ги нема казнето електраните, ниту пак има јасен, ажурен и реалистичен план за усогласување и/или затворање. Во меѓувреме, механизмот за јаглеродно гранично прилагодување (CBAM) почна да се применува од јануари 2026 година, со што се зголемија трошоците за извоз на електрична енергија и дополнително ја отежни профитабилноста на електраните. Босна и Херцеговина, Македонија и Србија секако имаат пад на производство на енергија од јаглен во последните години, дури и без официјално затворање на електрани.

„Праведната транзиција не значи само затворање на електраните на јаглен, туку и прекин на зависноста од јагленот во целиот регион. Додека Грција ги затвора своите термоелектрани на јаглен, продолжува да извезува јаглен за РЕК Битола, со што загадувањето и емисиите само се префрлаат преку границата. Истовремено, Македонија трпи загаден воздух, а со примената на CBAM и продолжувањето на работата на застарените капацитети се соочува и со сè поголеми економски загуби. Наместо да губиме пари за одржување на минатото, потребни се инвестиции во обновливи извори и праведна транзиција која ќе им користи и на граѓаните и на локалните заедници“, вели Елена Николовска, раководител на програмата за клима во „Еко-свест“.

Обвинение за Борче Марковски, најголемиот добитник на тендери во РЕК и конзул со сеф во Белград

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот