Ријад Шаќири Фото: Принтскрин

Вицепремиерот Беким Сали без дискусија ги одбива амандманите за правична застапеност

ДУИ и Вреди меѓусебно се обвинуваа кој е поголем Албанец, а Ријад Шаќири од Алијанса за Албанците констатира дека на Сали му е смешно, бидејќи ниту знае за жртвите Албанци од 2001 година, ниту ги посетил гробовите на националните херои.

Жестока „албанска“ битка се случи на првиот ден од амандманската расправа за Предлог-законот за правична и соодветна застапеност, на која власта досега не прифати ниту еден од 31 поднесен амандман. За албанскиот опозициски блок е неприфатливо во законот да не се потенцира дека произлегува од Рамковниот договор, односно од уставниот амандман 6 – дека правичната застапеност е темелна вредност на Охридскиот договор. Вицепремиерот Беким Сали без образложение ги отфрли амандманите. ДУИ и Вреди меѓусебно се обвинуваа кој е поголем Албанец, а Ријад Шаќири од Алијанса за Албанците констатира дека на Сали му е смешно, бидејќи ниту знае за жртвите Албанци од 2001 година, ниту ги посетил гробовите на националните херои.

– Соодветната и правична застапеност е основна вредност на Рамковниот договор и во законот мора да пишува дека таа произлегува од тој договор. Оваа вредност е директно применлива и не зависи од секундарното законодавство. Во законот да се инкорпорира јадрото на Рамковниот договор кој е резултат од конфликтот во 2001 година – рече Шаќири.

Беким Сали Фото: Принтскрин

Вицепремиерот Сали како предлагач на законот го отфрли амандманот.
Пратеникот од Европскиот фронт Сали Мурати потенцира дека правичната застапеност произлегува од Рамковниот договор.

– Законот зборува за правичната застапеност како темелна вредност, но не кажува зошто и таа вредност е вградена во Уставот. Вие со политичка одлука сакате да го избегнете историјатот на Рамковниот договор. Правичната застапеност е правна обврска од Уставот. Уставниот суд го урна само механизмот, односно балансерот, но уставната обврска не е укината. По укинувањето на балансерот, Владата две години не презеде ништо за правичната застапеност и илјадници луѓе се оштетени при вработувањата. Владата со умисла создаде вакуум за правичната да не се применува. Овој закон не е нов почеток, туку надоместување од минатото. Ако Собранието го одбие амандманот, законот ќе остане без корени. Ќе изгледа дека Владата дава милостина наместо да ја исполни обврската од Уставот – рече Мурати.

Илире Даути од Албанската лига рече дека законот не предвидува етнички квоти, односно позитивна дискриминација при вработувањето, преку кои се постигнува правичната застапеност. Таа смета дека законот треба да содржи и застапеност на половите, како и на лицата со посебни потреби.
Дијана Тоска од ДУИ го праша Сали како со толкава леснотија го отфрли амандманот.

Дијана Тоска Фото: Принтскрин

– Најголем проблем е улогата што ја избравте, наместо да сте глас на Албанците, вие сте глас на Владата. Ова е разликата меѓу нас. Ние војуваме, го креваме гласот кога станува збор за правата на Албанците. Кога Албанците бараат гаранции, вие велите бидете трпеливи, ги прифаќате сите услови од ВМРО-ДПМНЕ. Досега не сте поставиле ниту една црвена линија пред вашиот партнер – рече Тоска.

Имрлие Салиу од Вреди реплицираше дека ДУИ сака само да го блокира законот.

– Со вработувањата што ги направивте, вие во изминативе две децении ги деградиравте Албанците и ги претворивте во партиска гласачка машина со фиктивни договори, без здравствено и пензиско осигурување – рече Салиу.

Имрлие Салиу Фото: Принтскрин

Илир Хасани од ДУИ рече дека не му е јасно зошто Сали го отфрлил амандманот.

– Дали сте алергични на Охридскиот договор? Кажете дека не го прифаќате Рамковниот договор. Што сакате – историјата да ја градите од почеток? Вие мислите дека Имрлие е поголема Албанка од мене? Зошто не се расправате со Мицкоски, со Пренџов? Го повикувам вицепремиерот да одговори зошто без образложение го отфрли амандманот. Која е причината што се трудите нас да нè паднете? Две години сте на власт, заборавете ја ДУИ. Не знам чиј проект сте, дали сте од Север, од Блискиот Исток или од Исток – праша Хасани.

Илир хасани Фото: Принтскрин

Сали му одговори дека се проект на два изборни циклуси во кои победиле и праша зошто ДУИ кога била на власт не го донела законот.

Власта го одби и амандманот поднесен од Моника Зајкова од ЛДП и Фатмир Битиќи од СДСМ, со кој се бараше дефинирање на поимите подзастапеност, референтна застапеност…
Зајкова рече дека е разочарана дека дебатата е сведена на битка меѓу две партии од албанскиот блок, а станува збор за суштински закон. Битиќи рече дека амандманот го упатува до мнозинската заедница, бидејќи мајоризацијата доаѓа од мнозинската заедница.

– Овој амандман нè соочува со тоа дали Собранието има храброст да каже дека еднаквоста не е убав збор, туку дека треба да се препознае во реалноста на граѓаните. Предлагачот премногу се занимавал со формата наместо со содржината – рече Битиќи.

Зијадин Села од Албанска лига рече дека воопшто не треба да се дискутира за законот, бидејќи тој не содржи етнички квоти при вработувањата.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот