Победа на Ѓорческа за пласман во второто квалификациско коло на Вимблдон
Најдобрата македонска тенисерка Лина Ѓорческа денеска ја помина првата пречка во квалификациите на Вимблдон откако ја совлада Анхела Фита Болуда од Шпанија со 2:0 во сетови (6:2, 6:4) за 79 минути игра. Ѓорческа имаше пет брејка во мечот од осум прилики, а противничката 2/3. Во вкупниот број поени македонската тенисерка беше поуспешна 63:51, а на мрежа Лина имаше извонреден ефект 11/13, а Болуда 7/21.
Препорачано
Во првиот сет Лина Ѓорческа имаше комплетна доминација и сетот го доби со 6:2 во гемови искористувајќи ја третата сет топка, а брејкови направи во четвртиот гем за 3:1 и во осмиот гем за 6:2.
Во вториот сет Болуда направи брејк и поведе со1:0, но веднаш следеше ри-брејк на македонската тенисерка за 1:1. Во петтиот гем повторно Шпанката имаше брејк за водство од 3:2, но веднаш Ѓорческа изедначи со нов брејк за 3:3. Во десеттиот гем Ѓорческа ја реализираше првата меч топка и сетот го заврши со 6:4 во гемови.
Ова беше прва победа за Ѓорческа во меѓусебните дуели откако Шпанката имаше триумф во Коксијде на фјучрс турнир во 2021 година.
Противничка на Ѓорческа во второто коло од квалификациите ќе и Франциска Жорге од Португалија (226 место, ВТА ранг) која со 7:6 (5), 6:3, ја совлада 10 носителка во квалификациите Далма Галфи од Унгарија. Во единствениот меѓусебен меч досега меѓу Ѓорческа и Ф. Жорге, македонската тенисерка има победа во Скопје 2022 година во рамки на меч од Били Џин Кинг купот.


