Фото/ EPA-EFE/CAROLINE BLUMBERG

Дали Серена Вилијамс може повторно да победи на Вимблдон?

Серена Вилијамс, која во септември ќе наполни 45 години, убедливо е највозрасната тенисерка во главниот жреб на Вимблдон. Таа е шест години постара од Германката Татјана Марија, највозрасната тенисерка која директно избори место во турнирот.

Вилијамс е инспирација за милиони луѓе ширум светот, а нејзината порака дека „можеш да направиш сè на која било возраст“ е навистина восхитувачка.

Сепак, нема сомнеж дека годините ќе бидат сериозна пречка во нејзината намера повторно да триумфира на Вимблдон. А двата одиграни меча во двојки не изгледаат како доволна подготовка за соочување со најдобрите тенисерки во светот.

Разликата меѓу сингл и двојки е огромна кога станува збор за физичкиот напор. Движењето и издржливоста на Серена ќе бидат ставени на сериозен тест против значително помладите противнички.

Поголемиот дел од врвните тенисерки денес се околу 20 години помлади од неа, меѓу кои се светскиот рекет број еден Арина Сабаленка (28) и актуелната шампионка на Вимблдон, Ига Швјонтек (25).

„Не станува полесно како што старееш, а тревата е многу тешка подлога за враќање“, изјави Линдзи Девенпорт.

„Топчето се движи многу брзо и ниско, а играта е физички исклучително напорна. Нема да биде лесно, но ако некој може да успее во тоа, тогаш тоа е Серена.“

Поранешната светска број еден Ким Клајстерс на своја кожа почувствува колку е тежок камбекот кога се врати на 36 години во 2020 година и не успеа да победи на ниту еден од следните пет меча во период од 18 месеци.

Подобар камбек имаше Анжелик Кербер во 2024 година, но сепак загуби уште во првото коло на сите три Гренд слем турнири на кои настапи.

„Лесно е да кажеш: ‘Сè уште можам да играм’. Особено ако си Серена. Но секојдневните тренинзи, теретаната, потта и напорната работа се она што навистина треба да го направиш“, изјави Кербер.

Серена, својот последен Гренд слем го освои во 2017 година во Австралија, кога имаше 35 години. Оттогаш роди две ќерки – Олимпија, која денес има осум години, и двегодишната Адира.

По првото враќање во 2018 година, Американката стигна до четири Гренд слем финалиња – двапати на Вимблдон и двапати на Ју-Ес Опен – но не успеа да освои ниту едно.

Нејзините последни два настапи на Вимблдон, во 2021 и 2022 година, завршија уште во првото коло.

Освојувањето на 24. Гренд слем титула и израмнувањето на рекордот на Маргарет Корт изгледа како речиси невозможна мисија, но Серена веројатно смета дека во денешниот отворен и непредвидлив ВТА „караван“ има многу тенисерки кои сè уште може да ги победи.

Нејзиниот моќен и прецизен сервис отсекогаш бил особено опасен на тревна подлога и токму преку тоа ќе се надева дека ќе освојува многу лесни поени.

Шансите за победа сигурно се поголеми ако добие помалку искусна противничка која би можела да биде импресионирана од атмосферата на Централниот терен.

Деветтата тенисерка во светот, Викторија Мбоко, која играше двојки со Серена на турнирот во Квинс, верува дека легендарната Американка е подготвена.

„Удира неверојатно чисто. Може да паузира со години, а штом излезе на терен веднаш повторно да ги пронајде ритамот и чувството за игра. Тоа е дар од Бога“, рече 19-годишната Канаѓанка.

Во најдобрите денови, Серена беше симбол на физичка подготвеност и атлетизам.

Минатата година призна дека користела лекови за слабеење со цел да ја намали стигмата околу нивната употреба. Таа откри дека имала потешкотии да ја симне тежината добиена за време на бременоста, што е често искуство кај многу жени.

Денес се враќа на тениските терени во одлична физичка форма.

„Сите ја видовме. Изгледа неверојатно подготвена, можеби дури и подобро отколку кога се повлече“, вели Девенпорт.

Но и таа предупредува дека ќе биде потребно време за Серена повторно да го достигне својот максимум.

Можеби никогаш нема целосно да се врати на нивото од своите најдобри години, а ниту самата не знае колку долго ќе трае овој камбек.

Но едно е сигурно: жената која многумина ја сметаат за најголема тенисерка на сите времиња нема да се откаже без борба во обидот повторно да ја врати старата слава.

И покрај сите предизвици, Серена Вилијамс останува една од најголемите икони во историјата на тенисот. Со 23 Гренд слем титули во сингл, 14 во двојки и 4 олимписки златни медали, нејзината кариера е синоним за истрајност, талент и неверојатна волја за победа.

Статистиката покажува дека само неколку тенисерки успеале да освојат Гренд слем по својата 35-та година – последна беше Мартина Навратилова во 1990 година. Физичките барања на современиот тенис, конкуренцијата од млади и агресивни противнички и недостатокот на континуиран натпреварувачки ритам се сериозни пречки што тешко се надминуваат.

Серена Вилијамс доби вајлд-карта за настап на Вимблдон

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот