Клајв Дејвис / Фото: AdMedia/Starface / imago stock&people / Profimedia

Почина Клајв Дејвис, музичкиот магнат што ги откри Витни Хјустон и Брус Спрингстин

Клајв Дејвис, легендарниот продуцент и директор на дискографски куќи, кој во текот на својата кариера лансираше низа од најголемите светски музички ѕвезди, почина на 94-годишна возраст, пренесуваат странските медиуми.

Веста за неговата смрт ја потврди семејството, наведувајќи дека во последните недели се опоравувал дома по хоспитализација поради респираторни проблеми.

Дејвис со децении ја обликуваше современата светска музичка индустрија, откривајќи и водејќи кариери на изведувачи кои одбележаа повеќе генерации.

Во емотивна објава неговото семејство порача дека за светот бил музичка легенда, чија визија, инстинкт и неуморна потрага по совршенство ги одбележале животите на милиони луѓе.

Дејвис во текот на повеќе од шест децении работа, потпиша договори со некои од најголемите музичари на 20 век. Меѓу нив се Брус Спрингстин, Витни Хјустон, Џенис Џоплин, Сантана, Били Џоел, Лора Најро и „Аеросмит“, а подоцна соработуваше и со Арета Френклин, Дајон Ворвик, Пети Смит, Алиша Киз, Род Стјуарт, „Марун 5“ и многу други.

Тој беше на чело на дискографските куќи „Колумбија рекордс“, „Ариста рекордс“, „Џеј рекордс“, „РЦА груп“ и „МБГ Норт Америка“, а од 2018 година ја извршуваше функцијата главен креативен директор на „Сони мјузик ентертејмент“.

Роден во 1932 година во Бруклин, Њујорк, Дејвис по студиите по политички науки дипломирал и на Правниот факултет на Харвард. Во музичката индустрија влегол како правник во „Колумбија рекордс“, каде што брзо напредувал благодарение на своите деловни способности.

Набргу го презел раководењето со дискографската куќа и почнал да потпишува договори со рок-изведувачи во време кога тоа претставувало значителен деловен ризик.

– Одеднаш сфатив дека имам дарба – слух за препознавање големи изведувачи. Не можев да го објаснам тоа, но можев да ги препознаам идните ѕвезди – рекол во една прилика.

Неговата процена се покажала како исклучително точна. Токму тој меѓу првите го препознал потенцијалот на Брус Спрингстин, а посебно место во неговата кариера заземала Витни Хјустон, со која потпишал договор во 1983 година, кога таа имала само 19 години.

Дејвис беше еден од клучните луѓе во создавањето на кариерата на Витни Хјустон, учествувајќи во речиси сите нејзини албуми и следејќи ја низ нејзините најголеми успеси, но и најтешките животни периоди.

Иако во текот на кариерата знаеше да предизвика контроверзии поради својот цврст пристап во работата со изведувачите, остана еден од највлијателните луѓе во американската дискографска индустрија.

Освои четири награди „Греми“ како продуцент, беше примен во Рокенрол Куќа на славните и го основа Институтот „Клајв Дејвис“ при Универзитетот во Њујорк.

Во својата автобиографија, објавена во 2013 година, откри дека е бисексуалец, а две години подоцна беше прогласен за икона на месецот на ЛГБТ историјата.

До последните години од животот остана активен во музичката индустрија. Во едно од своите последни интервјуа изјави дека никогаш не ја изгубил страста кон работата.

– Ако здравјето ве служи и резултатите се добри, продолжете да работите. Јас едноставно ја сакам музиката – порачал тој.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот