„Кога ќе умрам, сите мои пари ќе одат кај нив“ — откако минатата недела загина во бизарна несреќа, тимот на Три ќе му ја исполни последната желба
Тимот на Оливер Три објави дека ќе ја исполни последната желба на музичарот, кој загина на 14 јуни во бизарна хеликоптерска несреќа во Бразил на 32-годишна возраст.
Препорачано
Една недела по трагедијата, неговите соработници открија дека ќе биде формирана фондација во негова чест, која ќе им помага на млади и перспективни уметници, пишува „Пипл“.
Во објава на Инстаграм тие соопштија дека телото на Три е пренесено во Калифорнија, каде што конечно ќе почива, а неговото наследство ќе продолжи преку фондацијата наречена „Д-р Оливер Три – исклучително епски грант за млади генијалци“.
Според тимот, оваа идеја била запишана во неговиот тестамент уште пред неговата смрт.
„Ќе се погрижиме неговата желба да стане реалност за да се шират повеќе радост, љубов и уметност во светот. Тоа беше неговата последна желба“, порача неговиот тим.
Тие им се заблагодарија на обожавателите за поддршката, љубовта и бројните почитувања што му ги оддадоа на музичарот по неговата смрт.
View this post on Instagram
Оливер Три и претходно отворено зборуваше за намерата своето богатство да го насочи кон поддршка на уметници, наместо да им го остави на членовите на семејството.
Во интервју дадено во април годинава, музичарот изјави дека по неговата смрт никој од неговото семејство нема да наследи значителен дел од неговото богатство, туку средствата ќе бидат насочени кон поддршка на нови уметници и креативци.
„Кога ќе умрам, сите пари ќе се вратат кај уметниците“, изјавил тогаш Три.
Музичарот загина во судир на два хеликоптери над Рио де Жанеиро, несреќа во која животот го загубија вкупно шест лица. Истрагата за причините за трагедијата сè уште е во тек.


