Медиумски скандал во Германија: коментатор доби забрана за пишување, за колумните користел ВИ
Германските весници ФАЦ и „Тагесшпигел“ повлекоа текстови откако се откри дека биле пишувани со вештачка интелигенција. Случајот ја разгоре дебатата за вештачката интелигенција во медиумите.
„Вештачката интелигенција е алатка и за нашата редакција, која ни помага да поедноставиме и подобриме поединечни новинарски процеси. Но, таа дефинитивно не е средство што смее да ја преземе суштината на нашата работа.“ Овој став деновиве беше објавен во весникот „Тагесшпигел“.
Препорачано
Во истиот текст, главниот уреднички тим ја образложува драстичната одлука: нивниот најпознат коментатор нема повеќе да смее да пишува за весникот основан во 1946 година во Берлин. Станува збор за Штефан-Андреас Касдорф, поранешен издавач и главен уредник, кој ги пишувал своите колумни во весникот со помош на вештачка интелигенција (ВИ).
67-годишниот новинар е свесен за тежината на својот пропуст:
„Направив огромна грешка, му наштетив и на весникот и на себе. За тоа искрено се извинувам. За текстовите користев вештачка интелигенција. Тоа требаше јасно да го означам и затоа не смеев да ги објавам.“
Широка дебата за ВИ во новинарството
Уредништвото на „Тагесшпигел“ отстрани повеќе текстови на Касдорф од интернет: „Одлучивме соодветните текстови привремено да ги тргнеме додека не заврши деталната проверка“, се наведува во образложението.
Случајот „Касдорф“ дополнително ја разгоре, и онака делумно жестоката дебата за користењето на вештачка интелигенција во новинарството во Германија. Само неколку дена претходно, беше објавено дека текст означен како гостинска колумна на премиерот на Тирингија, Марио Фогт, во „Франкфуртер Алгемајне Цајтунг“ (ФАЦ) исто така бил создаден со помош на ВИ. Весникот, според сопствените наводи, за тоа дознал дури по објавувањето.
Комуникологот и медиумски истражувач Вера Каценбергер од Универзитетот во Лајпциг го оценува случајот како особено тежок, бидејќи ја поткопува довербата во новинарството.
„Овде не станува збор за помош при мозочна бура или истражување, туку за самото јадро на новинарската работа“, нагласува таа.
Читателите купуваат или се претплатуваат на медиуми и поради експертизата и перспективите на одредени автори. „Доколку мислењата се генерирани од ВИ без тоа да се открие, публиката може да го доживее како измама.“
Каценбергер оди и чекор подалеку, оценувајќи ги ваквите текстови како потенцијално опасни: коментарите имаат посебна улога во демократските дебати. „Тие нудат ориентација во сè покомплексниот свет и помагаат во формирањето на мислењето. Ако се генерирани од ВИ, таа директно се вмешува во јавното обликување на мислењето.“
Вештачката интелигенција, додава таа, нема вредности, политички став ниту чувство за одговорност. Сепак, случајот има и позитивна страна: „Покажува дека редакциите сериозно ги сфаќаат сопствените правила и дека прекршувањата имаат сериозни последици.“
Правила, критики и дилеми околу употребата на АИ
„Тагесшпигел“ ја образложи одлуката со јасно прекршување на редакциските правила за употреба на ВИ, кои се интерно комуницирани и обврзувачки за сите. „Новинарската проценка, селекцијата на информации, аналитичкото толкување и јазичната обработка секогаш мора да останат во рацете на авторите.“
И „Франкфуртер Алгемајне Цајтунг“ го има истиот принцип и го отстрани контроверзниот текст. Но, според Каценбергер, ситуацијата има две страни: авторите мора транспарентно да откријат дали користеле ВИ, но редакциите не смеат да се потпираат исклучиво на нивните изјави.
Главниот извршен директор на медиумскиот концерн „Аксел Шпрингер“, Матијас Депфнер, пак, се спротивстави на ваквиот пристап. Тој го критикуваше ФАЦ за бришењето на гостинскиот текст, користејќи мешавина од иронија и сарказам.
Според неговите наводи, наложил на ВИ алатка да напише напад врз весникот. Во тој текст се обвинува ФАЦ дека ги отфрла новите технологии и дека тоа е „очаен обид на лобито на поштенските кочии да го забрани автомобилот“. ФАЦ возврати иронично, дека Депфнер „очигледно не напредува со природната интелигенција“.
Германскиот совет за печат – саморегулаторното тело на печатените и онлајн медиуми – во 2024 година го прошири својот Кодекс. Според него, одговорноста за сите редакциски содржини, без оглед на начинот на нивно создавање, останува исклучиво кај редакциите, вклучително и за содржините генерирани со ВИ.
Сепак, Советот смета дека не е неопходна задолжителна ознака за текстови создадени со ВИ. Образложението е дека за етичката проценка не е пресудно кој и со какви алатки го создал текстот. Но, истовремено се нагласува дека постојат случаи кои претставуваат сериозно кршење на професионалните стандарди.
Нејасна граница
Таков пример е порталот „Бизнис Инсајдер“, дел од групацијата „Шпрингер“, кој во март беше јавно укорен. Причината е објавен текст што наводно бил лична приказна на мајка со мало дете во услови на работа од дома, а всушност бил целосно измислен од вештачка интелигенција, иако бил припишан на конкретен автор. Редакцијата подоцна го избриша текстот.
Според Каценбергер, овие случаи укажуваат на итна потреба од делување. За многу новинари, користењето ВИ веќе станува исто толку вообичаено како пребарувачите или проверката на правопис.
„Границата меѓу дозволена поддршка и авторство што мора да се означи станува сè понејасна“, вели таа.
Како решение, предлага редовни обуки и отворени дискусии за граничните случаи. На своите студенти им препорачува да ја гледаат ВИ како алатка, а не како замена за сопствените новинарски способности. „Постои реален ризик сопствениот развој да стагнира ако ВИ ја преземе мисловната работа.“
Експертката препорачува медиумите транспарентно да се справуваат со грешките. „Довербата не се гради или губи поради еден единствен случај“, посочува таа. Исто така, не може да се врати со целосно откажување од ВИ – тоа би било нереално.
„Вештачката интелигенција дојде за да остане,“ вели Каценберг.
Извор: DW/ Автор: Марсел Фирстенау


