„Цигли“ со кокаин се појавуваат на плажите на Фиџи – локалците сведоци на разработена мрежа за дрога за Австралија
Локалните жители на островот Комо во Фиџи имаат изрека: местото е толку убаво што секој ден е како Божиќ. Островите, оддалечени три дена пловење од главниот град Сува, се како тропска разгледница, но дури и овие острови се вовлечени во свет на дрога, бидејќи картелите сè повеќе го користат Пацификот за пренос на големи пратки кокаин, кој сега се појавува и по плажите, пренесува Еј-би-си.
Препорачано
-
1
-
2
-
3
Локалниот жител на островот Комо, Севулони Тагимоце на брегот пронашол „цигла“ кокаин.
„Кога првпат го видов, не помислив веднаш дека е дрога. Лежеше на плажата, на песокот, на линијата каде што доаѓа плимата. Знаев дека морам да го однесам кај селскиот старешина. Требаше тој да го види. Кога го донесов, го измери и беше точно 1 килограм“, раскажува Тагимоце.
Но, ова не е единствен случај.
Еј-би-си јавува дека 27 слични „цигли“ од по 1 килограм со ознаки „Тесла“ биле пронајдени на брегот околу островот Комо во последните неколку недели.
Во зависност од чистотата на кокаинот, овие пратки можат да вредат повеќе од 15 милиони долари. Полицијата на Фиџи открила уште 35 цигли, пронајдени изминатиот четврток на блискиот остров Муниа.
Јахти и дрога
Фиџи е „жариште“ на кризната состојба со дрога во Пацификот, бидејќи картелите сè повеќе го користат Пацификот за пренос на големи пратки кокаин и метамфетамин преку крајбрежја што не се надледувани, сѐ до профитабилниот австралиски пазар.
Неодамнешна истрага на Еј-би-си открила врски на Фиџи со криминалната мрежа Аламедин и уличната банда КВТ, составена главно од млади Фиџијци.
Во јануари, полицијата запленила 2,6 тони кокаин вреден 780 милиони долари во рација во северозападниот дел од земјата.
И низ Пацификот, од почетокот на годината, се откриени повеќе од 17 тони нелегални супстанции, додека шверцерите користат различни методи за да не бидат откриени на патот кон Австралија.
Локалецот Тагимоце изјавил дека пакетот од 1 килограм што го нашол бил врзан за балон или пловен уред — метод што го користат шверцерите за пренос на помали количества дрога од поголем брод кон помали за испорака.
„Циглите“ пронајдени во близина на неговиот остров имале слични уреди за пловидба.
Неговиот внук, Џоне Ледуа, изјавил дека пред две недели „јахти пловеле горе-долу“ покрај брегот.
„Кога се будиме, има една јахта што оди нагоре, друга што оди надолу, друга од страна… Кога одиме да ловиме риба на ненаселените острови, гледаме сомнителни јахти во областа. Сега, кога гледаме јахти, претпоставуваме дека се поврзани со дрога“, рекол тој.
Употребата на приватни јахти станала чест метод за шверц во регионот.
„Брутална“ акција
Неодамнешното откритие доаѓа во време кога полицијата и војската на Фиџи спроведуваат заедничка „работна група“ против нарко-бандите. Владата размислувала за воведување вонредна состојба, но идејата подоцна била отфрлена. Акциите продолжуваат со рации и контроли низ земјата.
Организации за човекови права повикуваат таа да се укине по смртта на познат криминален водач додека бил во воен притвор, како и пријави за тортура.
Два месеци по неговата смрт, полицијата соопштила дека истрагата е при крај. Исто така, полицијата испрашува 12 службеници по смртта на 32-годишен маж во притвор, а семејството бара независна обдукција.
Назад на островот Комо, жителите велат дека преку сателитски снимки на интернет се следат проблемите со дрогата.
„Се плашиме дека полицијата и војската ќе дојдат и овде и ќе бидеме уапсени“, изјавил Тагимоце.
Полицијата на Фиџи соопштила дека работи со регионални служби за да се утврди потеклото и дестинацијата на дрогата.


