Фото: „Слободен печат“

„Браќа Манаки“ го најави најамбициозното издание досега — Дан Лаустсен и Воли Фистер меѓу големите ѕвезди на фестивалот

На денешната прес-конференција во Скопје беа соопштени деталите за 47. издание на Интернационалниот фестивал на филмската камера „Браќа Манаки“, кој годинава ќе се одржи од 19 до 25 септември во Битола. Организаторите најавија најамбициозна програма досега, рекорден број пријавени филмови и присуство на некои од најголемите имиња од светот на филмската уметност.

На прес-конференцијата присуствуваа директорот на фестивалот Димитрија Доксевски, претседателката на Друштвото на филмски работници на Македонија, Марија Димитрова, и директорот на Агенцијата за филм, Сашко Мицевски.

„Годинашното издание на фестивалот ќе биде најамбициозно досега и ние сме многу среќни поради тоа. Уште повеќе нè радува тоа што достоинствено се доближуваме до јубилејот од 50 години, што е фасцинантна бројка. Многу се радувам што фестивалот расте и што станува еден од најзначајните фестивали не само во регионот, туку и во светот“, изјави Доксевски.

Особено внимание привлече најавата за доаѓањето на данскиот кинематографер Дан Лаустсен, еден од најценетите светски директори на фотографија, познат по соработките со режисерот Гиљермо дел Торо и по филмовите „Формата на водата“ и „Франкенштајн“. Доксевски го соопшти лауреатот на наградата Златна камера 300 – визуелниот гениј на Холивуд, Дан Лаустсен.

„Би сакал да ви ја споделам една од најголемите ѕвезди кои ќе бидат присутни на фестивалот. Човек кој успеа да ја спои европската традиција на снимање филмови со најсовремената холивудска технологија. Има повеќе номинации за Оскар и повеќе од 30 меѓународни награди. Станува збор за данскиот кинематографер со светско реноме Дан Лаустсен. Тој е еден од лауреатите кои годинава ќе бидат со нас во септември и ќе придонесе сјајот на фестивалот да биде уште поголем. Како активен член на Американската асоцијација на кинематографи (ASC) и Данската асоцијација на кинематографи (DFF), Лаустсен е препознатлив по својот специфичен визуелен јазик, кој успешно ги спојува европската уметничка сензибилност и холивудската техничка прецизност“, истакна директорот.

Доксевски додаде дека оваа година големиот оскаровец Воли Фистер ќе биде дел од големото интернационално жири.

Тој истакна дека интересот за годинашното издание е најголем досега, со повеќе од 600 пријавени филмови од целиот свет.

„Оваа година бележиме рекорден број пријавени филмови – повеќе од 600, што не се случило досега“, нагласи тој.

Во програмата ќе бидат застапени и македонски филмови кои веќе остваруваат значајни успеси на меѓународната сцена.

„Среќни сме што и годинава ќе имаме квалитетни македонски филмови кои веќе собираат престижни награди на интернационалното поле и среќен сум што ќе имаме можност да ги погледнеме“, рече Доксевски.

Тој упати благодарност до сите членови на организацискиот тим, како и до домашните и странските медиуми, а посебно до Агенцијата за филм за рекордната финансиска поддршка.

„Тоа за нас е голем предизвик да продолжиме во таа насока и следното издание да го направиме уште поголемо од претходното“, додаде тој.

Директорот на Агенцијата за филм, Сашко Мицевски, истакна дека годинава фестивалот добил зголемена поддршка во висина од 12 милиони денари, што е значително повеќе од ланските 9 милиони денари.

„Агенцијата за филм верува во брендот што го изградија колегите од фестивалот. Огромно признание е тоа што фестивалот ‘Браќа Манаки’ доби посебна награда од Британската асоцијација на кинематографери, каде членуваат голем дел од најистакнатите светски директори на фотографија. Тоа е исклучително важен бренд со кој многу се гордееме и кој постојано го промовираме“, изјави Мицевски.

Тој нагласи дека фестивалот претставува заеднички проект на Агенцијата за филм, Друштвото на филмски работници на Македонија, Кинотеката и Општина Битола, оценувајќи дека токму таа заедничка посветеност е една од неговите најголеми вредности.

На 46. издание на „Браќа Манаки“: Дариус Конџи со Златна камера 300 за животно дело, Воли Фистер добитник на Специјалната камера 300

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот