Сцена од серијата „Кула од карти“ (House of Cards) / Фото: Profimedia

Сте ја гледале? Ова е најлошото финале на серија во историјата, според гледачите

Многу гледачи тешко простуваат лош крај на омилената серија, а низ годините бројни финални епизоди предизвикаа поделени реакции. Додека серии како „Пријатели“ (Friends) и „Да станеш лош“ (Breaking Bad) успеаја да ја задоволат публиката со своите завршетоци, други останаа запаметени токму по разочарувачките финалиња.

Порталот „Статсигнификант“ се обиде да утврди која последна епизода најмногу ги разочарала гледачите, користејќи податоци од ИМДб. Во анализата била споредена просечната оценка на првите пет сезони на секоја серија со оценката на нејзината последна епизода.

Најлошо поминала политичката драма „Кула од карти“ (House of Cards). Серијата го следеше безмилосниот политичар Френк Андервуд, кого го толкуваше Кевин Спејси, и неговото искачување до врвот на американската политика преку манипулации, предавства и борба за моќ.

По отстранувањето на Спејси од проектот, последната сезона се фокусираше на неговата сопруга Клер Андервуд, која ја презеде претседателската функција. Во финалната епизода таа се соочува со долгогодишниот соработник на Френк, Даг Стампер, кој открива дека токму тој е одговорен за смртта на Френк.

Нивниот конфликт завршува со насилна пресметка, по која Клер останува единствената личност што ги знае сите тајни на семејството Андервуд. Иако серијата освои 33 награди Еми, последната епизода доби оценка од само 2,6 од 10 на ИМДб, додека просечната оценка на првите пет сезони изнесувала 8,4.

Според анализата, финалето на „Кула од карти“ (House of Cards) забележало пад од дури 69,2 проценти во однос на претходните сезони.

На второто место се најде „Игра на тронови“ (Game of Thrones), чие финале бележи пад од 55,3 проценти, иако важи за една од најпопуларните серии на сите времиња.

Третото место ѝ припадна на хумористичната серија „Два и пол мажи“ (Two and a Half Men), со пад од 48,9 проценти. Серијата низ годините претрпе големи промени, вклучувајќи го и заминувањето на актерот Чарли Шин, а последната епизода не успеа да ги задоволи многу од обожавателите.

Од друга страна, некои серии успеаја да завршат на начин што публиката одлично го прифати. Најуспешна според анализата била „Ѕвездени патеки: следната генерација“ (Star Trek: The Next Generation), чија просечна ИМДб-оценка пораснала за 24 проценти. Следуваат „Бубалиците“ (The Big Bang Theory) со раст од 21,5 проценти и американската верзија на „Канцеларијата“ (The Office), која забележала раст од 20,7 проценти и покрај заминувањето на Стив Карел две сезони пред крајот.

ВИДЕО | За малку ќе останевме без Мајкл Скот: „Колега ми рече да не глумам во ‘Канцеларијата’ и дека проектот ќе пропадне“

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот