Доколку сакате црн хумор, можеби сте поинтелигентни од другите – тврди науката
Ако уживате во црн хумор и шеги на сметка на мрачни или морбидни теми, можеби сте поинтелигентни отколку што мислите. Барем така покажува истражување спроведено на Медицинскиот универзитет во Виена.
Препорачано
Во 2017 година, психологот Улрике Вилингер спровела студија за таканаречениот „хумор на бесилката“, односно црниот хумор. Резултатите покажале дека луѓето кои најмногу уживаат во ваков вид шеги имаат повисоко ниво на вербална и невербална интелигенција, пишува „Вајс“.
Во истражувањето учествувале 156 возрасни лица – 76 жени и 80 мажи со различно образовно потекло. Нивната вербална интелигенција била мерена преку тестови за вокабулар, а биле користени и невербални тестови за интелигенција. Истражувачите исто така ги анализирале нивното расположение и нивото на агресивност.
Учесниците разгледувале 12 карикатури од германскиот карикатурист Ули Штајн, кои обработувале теми како смрт, самоубиство, болести, физички попречености и медицински третмани. Потоа требало да оценат колку ги разбираат шегите, дали ги сметаат за вулгарни и колку им се допаѓаат.
По анализата, учесниците биле поделени во три групи.
Првата група покажала умерено уживање во црниот хумор и просечно ниво на интелигенција и агресивност.
Втората група најмалку ги ценела мрачните шеги и имала просечно ниво на интелигенција, но повисоко ниво на агресивност.
Најинтересни биле резултатите од третата група. Луѓето кои најмногу уживале во црниот хумор покажале највисоки резултати на тестовите за интелигенција и истовремено најниско ниво на агресивност.
Овие сознанија се совпаѓаат и со една од теориите на Сигмунд Фројд, изнесена уште во 1905 година во неговата книга „Шегите и нивната врска со несвесното“, според која разбирањето на посложените форми на хумор бара повисоки когнитивни способности.
Со други зборови, според авторите на истражувањето, луѓето кои не се смеат на добра црна шега можеби едноставно не ја разбираат целосно.
Каква улога игра хуморот во одржувањето на врската и задоволувањето на партнерот?


