Заканите на Трамп ги налутија Иранците — тензично на преговорите во Швајцарија
Денешните најнови закани на американскиот претседател Доналд Трамп упатени кон Иран ги зголемија тензиите на ионака напнатите преговарачки тимови на двете земји во Швајцарија.
Препорачано
-
1
-
2
-
3
Дел од иранските медиуми прво објавија дека делегацијата на Иран ги напуштила разговорите поради заканите на Трамп, а потоа се појавија нови информации дека преговорите биле само паузирани, по речиси 80 минути разговори.
Преговорите меѓу Иран и САД во Швајцарија „се прекинати, но не се завршени“, изјави ирански извор за новинската агенција Ројтерс.
Трамп со нови закани
Американскиот претседател Доналд Трамп денеска изјави дека САД би можеле да „ја преземат контролата“ врз Ормускиот теснец доколку не се постигне договор со Иран.
„Можеби ќе мора да го преземеме теснецот. Ако не постигнат договор, ќе наплатиме патарина“, изјави Трамп за „Фокс њуз“.
Тој додаде дека, според него, ѝ рекол на иранската страна дека затворањето на теснецот нема да биде во нивен интерес.
„Ако го затворите, повеќе нема да имате земја. Дури нема ни да се вратите во вашата земја“, рече Трамп, додавајќи дека Соединетите Американски Држави би можеле да станат, како што рече, „ангел чувар“ на теснецот и дека во тој случај би контролирале 20 проценти од нафтата што минува низ оваа клучна поморска маршрута.
Трамп: Ако Иран не ги запре веднаш своите сојузници во Либан, ќе го удриме многу силно
Во објава на неговата социјална мрежа Truth Social, Трамп рече дека Иран мора да ги заузда своите сојузници во Либан, предупредувајќи дека во спротивно ќе следи нов силен воен одговор.
„Ако не го сторат тоа, повторно силно ќе го удриме Иран, како што направивме минатата недела, па дури и посилно“, рече Трамп.
ИРИБ: „Немаше дискусија за нуклеарната програма на Иран“
Во првата рунда разговори меѓу делегациите на САД и Иран во Швајцарија, немаше преговори за нуклеарната програма на Иран, но фокусот беше ставен на меморандумот за разбирање од 14 точки, со посебен акцент на ситуацијата во Либан, објави иранската државна телевизија ИРИБ.
Според ИРИБ, првата рунда разговори траела околу 80 минути и била фокусирана на споменатиот меморандум, додека прашањата за нуклеарната програма на Иран не биле на дневен ред.
Џеј Ди Венс пристигна во Швајцарија — денеска се одржуваат мировните разговори меѓу Иран и Америка
Преговорите меѓу американската и иранската страна се одржуваат денес во Швајцарија, со посредство на Пакистан и Катар, во кои учествуваат високи американски претставници, вклучувајќи го и потпретседателот на САД, Џеј Ди Венс.


