ВИДЕОИНТЕРВЈУ | Кристина Костова: Во СДСМ се потребни реформи, но не само козметички
Во статутарните измени во партијата мора да се одрази волјата на членството. А волјата на членството е самото да избира и самото да учествува во носењето одлуки, вели за „Слободен печат“ Кристина Костова, која до неодамна беше и потпретседателка на СДСМ.
Кристина Костова, долгогодишен член на СДСМ, која до неодамна беше и потпретседателка на партијата, во интервју за „Слободен печат“ отворено говори за нужна реформа во партијата што ќе ја врати довербата кај членството, но и кај граѓаните, и ќе ја позиционираат како движечка сила во општеството.
Препорачано
Како опозиционер, не пропушти прво остро да го критикува ставот на премиерот Христијан Мицкоски дека треба да се подготвиме за маратон на патот кон ЕУ и дека треба да се чека на поповолни времиња. Таа во разговорот вели: „Само привилегираните можат да чекаат“:
– Јасно е дека Мицкоски, и луѓето како Мицкоски, можат да чекаат. Тие можат да чекаат и децении, можат дури и следните генерации од нивните семејства да чекаат, затоа што чекањето е прерогатив на привилегираните, кои цел живот растеле и биле ранети со златна лажичка, имаат можност да чекаат. Оние што немаат можност да чекаат се обичните граѓани на државава, кои се во голем број. Сега гледаме дека Мицкоски повторно сака да ја турка Македонија во тешка изолација, затоа што тој ќе чека и тој можел да чека – вели Костова.
Таа потсети дека резултатот од изолационистичката политика на ВМРО-ДПМНЕ е емиграцијата на младите луѓе што од година во година се зголемува. Тие не се враќаат со „авионите на Мицкоски“ за да работат во Македонија, туку и тие и нивните деца остануваат својата иднина да ја градат во европските земји.

Инаку, Костова која е член на СДСМ уште од 2004, со доаѓањето на Филипче за претседател на партијата, беше назначена за една од потпретседателите на партијата, за веднаш, по само една година, по крахот на локалните избори, да биде сменета заедно со целото раководство.
Имајќи предвид дека темата за предвремени избори сè повеќе се актуaлизира во јавноста, се наметна и прашањето за тоа дали СДСМ е подготвена да се соочи со ВМРО-ДПМНЕ, но и со довербата кај граѓаните, која во изминатите изборни циклуси беше изгубена и доведе до драматичен пад на рејтингот.
За тоа да се случи, според Костова, неопходни се реформи во СДСМ што нема да бидат само козметички или кадровски туку пред сè статутарни, со што ќе овозможат мотивирање на членството.
Костова смета дека досегашниот начин на внатрепартиски избори на членови на раководството и на општинските организации е неприфатлив. Според неа, најважни се промените во Статутот на партијата, со кои ќе се намали улогата на „Бихаќка“ во изборот на претседателите на општинските организации.
– Можеби треба да се смени форматот. И тука ќе се навратам на муабетот за конгрес на статутарни измени, затоа што од Статутот на партијата започнува сè. Во 2013 година беа направени статутарни измени со кои прилично се централизираше работата на раководството и одлуките што ги носеше раководството – дури и за работата на општинските организации. Тоа беше одлука со која и тогаш не се согласував и сè уште не се согласувам. Назначувањето на претседатели на општински организации не треба да биде назначување за кое се носи одлука во канцеларијата на Бихаќка, туку треба да доаѓа изворно од членовите. Ние денес имаме една парадоксална ситуација во која првиот човек на СДСМ се бира на непосредни избори, ама првите луѓе на СДСМ во општинските организации се назначуваат од тој човек што е избран на непосредни избори. Мораме повеќе да го демократизираме процесот затоа што членовите седат по страна можеби токму и поради тоа што не чувствуваат дека вистински можат да учествуваат во носење на одлуките. На времето се избираа претседатели на општински организации на општински конференции. Тоа можеби не е идеален метод, меѓутоа според мене е подобар од назначување претседатели на општински организации некаде во некоја канцеларија – вели таа.
За ова прашање Костова, често и отворено говорела, како што вели, не толку во јавноста туку повеќе на состаноците на партијата и кога била дел од раководството, но и како член во сите изминати години од нејзиното членување во СДСМ.
„Станува збор за принцип“, вели Костова, „дали ќе работиме по социјалдемократски принципи или ќе се обидуваме да имитираме нешто што никогаш нема да биде својствено за нас. Рецептот за успех на СДСМ никогаш нема да биде ист како рецептот за успех на ВМРО-ДПМНЕ.“
Во статутарните измени, како што додава, мора да се одрази волјата на членството. А волјата на членството е самото да бира и самото да учествува во носењето на одлуки.
Кристина Костова потсети на една стара идеја – за отворени листи, која секогаш се отвора пред избори, ама никако да се реализира. Но пред да биде применет како демократски принцип во целото општество, Костова инсистира тој принцип најпрвин да биде применет во рамките на нејзината матична партија СДСМ.
„Нашата заложба како партија е за нов изборен модел, изборен модел што ќе биде заснован на отворени листи. Овој модел со затворени листи не само што е застарен туку оди спротивно на интересите на СДСМ. Велам конкретно на СДСМ затоа што членството и симпатизерите на СДСМ сакаат појасно да ја изразуваат својата волја. Ние зборуваме за отворени листи уште додека бев во СДММ, затоа што тогаш точно ќе можеме да го заокружиме оној кандидат што сакаме да го видиме во советничките или во пратеничките клупи. Тоа многу ќе го промени степенот на мотивација за учество на членството во предизборните процеси. Оти кога ќе дадете една затворена листа, пред да започнат изборите, она што е случај во практика во сите изминати години е дека едната половина се задоволни, а другата половина незадоволни затоа што нивниот кандидат не се нашол на местото каде што тие сакале да го видат. Вака, направете отворени листи и тогаш сите ќе се ангажираат за да гласаат за кандидатот што ќе освои најмногу гласови“.
Во интервјуто за „Слободен печат“ Кристина Костова како вистински опозиционер не дозволи да се говори само за реформите и за состојбите во СДСМ без да упати сериозни критики и за владеењето на ВМРО-ДПМНЕ и за Извештајот за Македонија што деновиве беше усвоен во Европскиот парламент.
Таа смета дека во него има повеќе забелешки отколку пофалби што се граничат со остри критики на Владата на Мицкоски особено во неспроведувањето на Реформската агенда и демократскиот застој. Загрижувачки е, вели таа, што забелешките се во делот на владеење на правото, недоволната борба со корупцијата и недоволната реформа во судството. Исто така, еден дел од забелешките на ЕУ е во воздржаноста на Владата на дипломатски план при важни гласања во меѓународни тела и институции, наспроти мнозинскиот став на земјите членки на Унијата.
Дали, прашува Костова, со неуспешните обиди да се најде во периметарот на Трамповата администрација во некој трет, четврт ешалон, Мицкоски ги изгоре мостовите со ЕУ, она што всушност треба да ни биде приоритет, ако веќе сакаме да бидеме членка на Унијата.


