Граничниот премин „Делчево“ кон Бугарија / фото: архива

Бугарската фондација „Македонија“ ја откажа блокадата на граничните премини

Бугарската фондација „Македонија“ го откажа најавениот протест кој требаше да се одржи в недела на трите гранични премини меѓу Македонија и Бугарија – Македонија – Ѓуешево-Деве Баир, Станке Лисичково-Делчево и Златарево-Ново Село. Ова го потврди претседателот на Фондацијата, Виктор Стојанов, кој појасни дека одлуката е донесена по консултации и разговори со претставници на Министерството за надворешни работи на Бугарија и бугарскиот амбасадор во Скопје, пренесува бугарската национална телевизија БНТ.

Според Стојанов, процената на институциите била дека каква било блокада на границата во овој момент би била контрапродуктивна, би создала дополнителни тензии и би ангажирала значителни полициски и административни ресурси.

Од Фондацијата „Македонија“ посочуваат дека иако постои сериозен јавен интерес и акумулирана јавна тензија во бугарското општество, која Стојанов ја дефинира како „граѓанска енергија“ и „праведен гнев“, сепак, велат дека таа граѓанска енергија треба да се насочи кон продуктивни форми на дејствување.

Стојанов додава дека одговорните институции веќе се известени, така што не се преземаат никакви мерки за организирање и обезбедување на протестот.

Во врска со најавата за протести, синоќа се огласи и бугарскиот амбасадор во Скопје, Жељазко Радуков, кој упати барање да не се блокираат граничните премини и патиштата меѓу Бугарија и Македонија. Тој сепак изрази благодарност до сите граѓани и организации за поддршката во актуелните „тешки околности“ и го потврди правото на мирен протест.

Бугарската амбасада бара да не се блокира границата, но и организациите од Бугарија да не ги викаме „антимакедонски“

Информацијата за откажувањето на протестот ја потврдија и од Асоцијацијата „Макам-транс“, од каде што велат дека очекуваат товарниот и патничкиот сообраќај да се одвива непречено.

Поранешната пратеничка и потпретседателка на Собранието, Лилјана Поповска, вчера испрати ургенција до Уставниот суд барајќи да се забрза постапката по нејзината иницијатива за оценување на уставноста и законитоста на Протоколот од вториот состанок на Заедничката меѓувладина комисија меѓу Македонија и Бугарија, потпишан на 17 јули 2022 година во Софија.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот