Фото: МИА / архива

Бугарската амбасада бара да не се блокира границата, но и организациите од Бугарија да не ги викаме „антимакедонски“

Амбасадата на Бугарија во Скопје преку соопштение побара да не се блокираат граничните премини и патиштата меѓу Бугарија и Македонија, откако бугарската фондација наречена „Македонија“ најави блокада на трите гранични премини кон нашата земја. Амбасадата исто така бара бугарски организации да не се означуваат како „антимакедонски“ во јавниот дискурс во земјава.

„Им обрнуваме внимание на одредени медиуми и јавни личности во Северна Македонија дека е неодржливо и непродуктивно да се дефинираат бугарски организации како ‘антимакедонски’ поради различните проценки и ставови за состојбата на билатералните односи и политиката на властите во Скопјe. Плурализмот е карактеристична црта на демократијата и неговата манифестација не е насочена ‘против’ никого, туку има за цел да отвори меѓуопштествен дијалог како предуслов за градење слични наративи и разбирање“, пишува во соопштението.

Амбасадата „категорично бара“ да не се прават блокади на граничните премини.

„Го поддржуваме правото на мирен граѓански протест како фундаментално право во секое вистински демократско општество. Во исто време, категорично бараме да не се предизвикуваат блокади на граничните премини или патиштата меѓу Бугарија и Северна Македонија“, повикува Амбасадата.

„Интересот на нашата земја бара од нас да бидеме отворени кон нашите југозападни соседи, да ги предизвикаме да се запознаат со модерната бугарска култура, да ги поттикнеме контактите меѓу долго разделените семејства, да ја продлабочиме економската соработка и трговијата. Ова е најдобриот начин да се спротивставиме на омразата. Само на овој начин ќе ги потсетиме нашите соседи колку сме блиски и кои се придобивките не само од нашата заедничка историја, туку и од нашата заедничка иднина во Обединета Европа. Изразувањето на незадоволството и загриженоста на бугарското општество за она што се случува во Скопјe треба да има конструктивен и европски карактер“, додаваат од Амбасадата на Бугарија.

Блокадата на граничните премини беше најавена како одговор на инцидентот кој се случи оваа недела, кога скопјанец среде бел ден и без маска, од мотиви што досега не беа разјаснети, полеа со бензини и запали два автомобила на Бугарската амбасада во центарот на Скопје. Овој чин го осудија бугарските и македонските власти, а потпалувачот беше уапсен и сега е во осумдневен притвор.

Лиле Поповска бара Уставниот суд да побрза со нејзината иницијатива за Протоколот со Бугарија

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот