„Ги искористи сите можни влијанија“: Хамнеи вели дека Трамп го склучил договорот „од очај“
Иранскиот врховен лидер вели дека идните директни преговори со Вашингтон не значат прифаќање на американските ставови и предупреди дека Иран нема да се согласи со „прекумерните барања“ на другата страна.
Врховниот лидер на Иран, Моџтаба Хамнеи призна дека е против договорот со САД, но дека сепак го дозволува, поради уверенијата кои што ги добил од иранскиот претседател Масуд Пезешкијан, пренесе Би-би-си.
Препорачано
По потпишувањето на договорот, САД официјално ја укинаа поморската блокада на Иран. Со договорот започна 60-дневен период на преговори во текот на кој двете земји треба да постигнат конечен договор за нормализација на односите и економска реконструкција на Иран.
Во порака објавена во иранските државни медиуми, Хамнеи изјави дека има „различна гледна точка“ за договорот, но дека сепак дал дозвола за негово потпишување по уверенијата од претседателот Пезешкијан дека интересите на иранскиот народ и таканаречената Оска на отпорот ќе бидат заштитени.
„Американскиот претседател ги искористи сите можни влијанија за да го постигне овој договор, од очај“, рече Хамнеи.
Тој додаде дека идните директни преговори со Вашингтон не значат прифаќање на американските ставови и предупреди дека Иран нема да се согласи со, како што рече, прекумерните барања на другата страна.
Пезешкијан: Иран не тргуваше со своето достоинство
Иранскиот претседател Масуд Пезешкијан претходно оцени дека договорот претставува дипломатски успех за Техеран и дека Иран не „тргнал со своето достоинство“ за да постигне договор со САД.
Америка и Иран го потпишаа мировниот договор порано од предвиденото
Тој и Доналд Трамп потпишаа меморандум за разбирање доцна во средата, отворајќи го патот за продолжување на преговорите и постепено спроведување на договорените мерки.
Според документот, Ормускиот теснец ќе биде повторно отворен за меѓународен сообраќај, а предвиден е и план за економска реконструкција на Иран во вредност од најмалку 300 милијарди американски долари.
Ванс издаде строго предупредување до Израел
Потпретседателот Венс откри дека воените операции на Израел во Либан понекогаш го попречувале напредокот во преговорите со Иран, фрустрирајќи го претседателот Трамп.
Неговите коментари доаѓаат откако Израел повтори дека нема да се повлече од Либан, и покрај првата точка од договорот меѓу САД и Иран, која повикува на „итно и трајно прекинување на воените операции на сите фронтови, вклучително и во Либан“.
„Израелците-исто како и сите други мора да го почитуваат овој мировен процес, кој е фундаментално добар за нив и добар за целиот регион“, рече Венс.
Тој, исто така, се осврна на незадоволството на израелските претставници, велејќи дека го „вознемирува“ кога лично го напаѓаат Трамп. „Да бев член на израелската влада, можеби немаше да го нападнам единствениот моќен сојузник што го имам во целиот свет“, рече Венс, додавајќи: „Во текот на последните три месеци, две третини од одбранбеното оружје што ја заштити вашата татковина е произведено во Америка и платено од американски даночни обврзници“.
Трамп ги отфрли тврдењата за финансирање на Иран
Американскиот претседател Доналд Трамп ги отфрли тврдењата дека Вашингтон ќе ја финансира реконструкцијата на Иран.
„Нема исплата од 300 милијарди долари на Иран од страна на Соединетите Држави. Тоа се лажни вести“, напиша Трамп на социјалната мрежа Truth Social.
Тој додаде дека договорот носи „успех, пониски цени на нафтата и победа“ за САД, нагласувајќи дека позитивната реакција е видлива и на финансиските пазари.
Текстот на меморандумот предвидува дека САД, заедно со регионалните партнери, ќе работат на формирање фонд вреден најмалку 300 милијарди долари за реконструкција и економски развој на Иран, но не е наведено дека самиот Вашингтон ќе ја финансира оваа сума.


