Божиновска: Сите сакаат да градат фотоволтаици, цената на струјата сега е ниска, па и нула

За 2027 година се пристигнати повеќе од 700 иницијативи за нови капацитети на обновливи извори на енергија. Министерката Божиновска посочува дека сега клучната улога ќе ја има МЕПСО, која дава дозволи за приклучок. Дали имаме доволно капацитет?

Интересот за изградба на електрани на обновливи извори на енергија не стивнува. За оваа година, Министерството за енергетика даде зелено светло за многубројни проекти што би значеле дополнителен капацитет од 4 гигавати, како и батериски системи со инсталирана моќност од 2 гигавати. За 2027 година веќе се пристигнати повеќе од 700 нови иницијативи. Министерката за енергетика Сања Божиновска посочува дека сега клучната улога ќе ја има државната компанија Македонски електропреносен систем (МЕПСО), која треба да овозможи приклучок на капацитетите.

– За оние што веќе се влезени во план за изградба, МЕПСО треба да даде варијанта за приклучок, инвеститорот треба да одговори дали таа варијанта му одговара, дали е согласен со цената. Потоа, МЕПСО треба да го даде одобрението за приклучок. Секако, можно е технички и да не може да се приклучи некоја централа и за тоа информира МЕПСО – вели Божиновска.

Во Министерството за енергетика се одржа брифинг за сработеното во изминатите две години. Фотографија: „Слободен печат“

Во јавноста пак, енергетските експерти често алармираа дека транзицијата кон обновливи извори на енергија е побрза од изградбата на преносна мрежа. Тоа не е проблем само кај нас, па во мај половина држава остана без струја еден час, а од МЕПСO објаснија дека проблемот е регионален „поради нискиот транзит и конзум на електрична енергија во текот на ноќните часови и викендите“.

Божиновска појасни и дека сега 58 проценти од инсталираните капацитети се од обновливите извори на енергија, што е над европското барање, тие да бидат 50 проценти.
Трендот на обновливи извори на енергија ја намалува цената на струјата насекаде во светот па и кај нас.

– Капацитети за обновливи извори на енергија се градат насекаде. Сега цената на струјата е ниска, имаме и нула цени – потенцираше министерката.

Домаќинствата нема да бидат целосно снабдувани со „државна струја“

Поголемото производство на електрична енергија од обновливи извори на енергија може да биде спасоносно решение и за цената на струјата од наредната година, затоа што сме преземале обврска од јануари 2027 година, државните електрани да ги задоволуваат потребите на домаќинствата за струја со 70 проценти, за разлика од сега кога има 100-процентно покривање на потребите. Струјата од државното Електростопанство сега се нуди на тендер на ЕВН хоум, но таа вообичаено е пониска, со што се прави заштита на населението. Божиновска очекува дека новата формула нема да значи раст на цената на струјата за домаќинствата, туку дека е можно обновливите извори да доведат и до пониски цени.

Поради падот на цените, Божиновска смета дека треба да се размислува и за промена на системот со блок-тарифи.

– Одлуката ја носи Регулаторната комисија за енергетика. Но, ако не прашаат, нашиот став е дека сме „за“ за сè што значи пониска цена за граѓаните. Блоковите беа воведени кога цената на струјата беше 700-800 евра за мегават-час, а сега имаме нула цени – рече министерката.

Треба ли да се плашиме од дата-центри?

Божиновска не стравува ни од најавените дата-центри. Таа вели дека не значи оти вакви центри ќе почнат да се градат утре, туку дека државата создава регулатива што ќе овозможи нивна изградба.

– Ако станува збор за приватен инвеститор, тој ќе треба да си обезбеди и простор и приклучок за електрична енергија и вода. Тој треба да си ги обезбеди сите одобренија. Ако постои можност, ќе има и приклучок. Тоа се големи инвестиции и добро е да може да ги искористиме – рече Божиновска.

Од Министерството за енергетика тврдат дека во јавноста се создава и погрешна перцепција за тоа колку вода трошат тие дата-центри и дека постои можност таа иста вода да циркулира.

Премиерот Христијан Мицкоски најави дека разговараат со десетина компании за изградба на дата-центри во нашата земја. Тој посочи дека целта е развој на земјата и нова додадена вредност. СДСМ побара мораториум за изградба на вакви центри, со аргумент дека ВМРО-ДПМНЕ сака да ја продаде и водата и струјата. Во светот има многубројни протести против дата-центрите.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот