Кога Мицкоски прозива, сите молчат и ракоплескаат
Премиерот во детали исцртал од кои министри, заменици и директори е незадоволен и дека ќе ги смени во претстојната реконструкција на Владата, се коментарите на функционери на ВМРО-ДПМНЕ, по што некои министри почнале и да одговараат на телефонски повици што не било случај претходно.
Никој не се препозна и сите му ракоплескаа на лидерот и премиер Христијан Мицкоски, иако тој во детали исцрта од кои министри, заменици и директори е незадоволен и дека ќе ги смени во претстојната реконструкција на Владата.
Препорачано
Ова се коментарите на функционери на ВМРО-ДПМНЕ, кои додаваат дека некои министри по критиките на премиерот почнале и да одговараат на телефонски повици, што не било случај претходно.
Мицкоски на 36-тиот роденден на партијата, како што веќе објави „Слободен печат“, најави дека во роденденскиот говор ќе ги посочи функционерите што во изминативе две години од мандатот не сработиле доволно, што се толкува како најава за нивна смена.
Нема да толерира занес во привилегиите што ги нуди власта
Премиерот во обраќањето порача дека сите отстапувања на функционерите прецизно ги нотира, дека ќе има промени, како и дека нема да толерира занес во привилегиите што ги нуди власта. Тој повтори дека веднаш ќе почне да работи на реконструкцијата на Владата и рече дека многу прецизно го детектира и го следи феноменот на скршнувања од она што треба да биде кодекс на однесување на Владата, посочувајќи дека има и такви на кои фотелјата им станала помила од контактот со народот.

– Добивам поплаки дека дел од министрите и директорите се недостапни за народот, а има и такви на кои приватните патувања им станаа помили од посетите на селата и на градовите. Заборавија од каде дојдовме и како започнавме. И, ова е порака – нема да толерирам занес во привилегиите што ги нуди власта. Ние сме овде да му служиме на народот. Чистиот образ тешко се одржува, а лесно се губи – нагласи партискиот лидер на прославата на струмичкиот стадион.
Тој укажа дека нема да толерира несовесност и скршнување од принципите.
– Ако јас можам да им одговорам во текот на денот на стотици луѓе, сигурен сум дека тоа го може секој министер или директор. Да, не е лесно, но на народот му е потешко и не сакам изговори. Мојот праг на толеранција е огромен, кон секого се однесувам со почит и разбирање, што е и моја домашна култура, но тоа не значи, никако не значи дека сум наивен и дека ќе толерирам несовесност и скршнување од принципите – рече Мицкоски.

Мицкоски додаде дека не прифаќа оправдувања од ниту еден именуван функционер дека е уморен, а на уморните им порача дека е чесно само да си заминат.
Премиерот вчера прецизира дека разговорите со владините партнери за реконструкција на Владата ќе почнат утре, односно дека првата средба ќе биде со копретседателите на Вреди Изет Меџити и Билал Касами, а в сабота ќе се сретне со лидерот на ЗНАМ Максим Димитриевски.
Ќе биде сменет и министерот за правда Игор Филков?
Официјално, никој во ВМРО-ДПМНЕ не коментира кои се министрите што потфрлиле, кои заборавиле на народот, не креваат телефон, а функцијата ја користат за приватни патувања. Неофицијално, пак, веќе подолг период се шпекулира дека на „отстрел“ се министрите за култура и за спорт, Зоран Љутков и Борко Ристовски, и дека е можна смена и на министерот за земјоделство Цветан Трипуновски, а поради рокада на министерства можно е од ресорот образование да замине Весна Јаневска. Нема да биде изненадување ако Мицкоски ги смени и вицепремиерите Иван Стоилковиќ и Шабан Салиу.
Од Вреди извесни се смените на одговорните за социјална политика и за доброто владеење, Фатмир Лимани и Арбен Фетаи, кој веќе си поднесе оставка. Лимани одби да коментира дали ќе остане министер.

– Дали сме министри или не сме, до последниот атом треба да бидеме посветени за да ги спречиме случаите на насилство, а не да се занимаваме со тоа кој ќе биде министер – рече Лимани.
Тој потенцира дека најважно е какви резултати оставаат институциите и нивните носители во борбата против насилството, додавајќи дека е потребно заедничко дејствување.
Од ЗНАМ се шпекулира дека ќе биде сменет министерот за правда Игор Филков.
Филипче: Оваа Влада да издржи до 2028 година, немаат пари
Мицкоски и во роденденското обраќање ја остави можноста за предвремени парламентарни избори и на опозицијата ѝ порача да внимава што изјавува. Тој рече дека опозицијата не му е репер, дека не се трка со неа, но додаде дека го чувствува нивниот страв од избори.
– Што се однесува, пак, до нашите противници, го чувствувам нивниот страв од избори. Ова е единствената опозиција во светот која не сака избори. Кога ќе се спомнат избори, ги фаќа уплав. Држат прес-конференции, лажат, манипулираат. Се претворија во аналитика на Бирото за јавни набавки. Јас сега ќе работам на реконструкцијата на Владата, но од опозицијата треба да внимаваат што изјавуваат во однос на изборите, затоа што може и да им се оствари она што декларативно го зборуваат. Кога го гледам овој народ овде, пораката е јасна: ние сме подготвени. Подготвени сме за секое сценарио – рече Мицкоски.

Лидерот на СДСМ Венко Филипче повтори дека тие нема да бидат алиби за Мицкоски да истрча на предвремени избори.
– Не, ние нема да бидеме алиби за предвремени избори. Избори ќе има кога ќе снема пари, а пари има сè помалку. И оттаму мислиме дека премиерот така ќе ја прави стратегијата за закажување на следните избори. Едноставно, нема да има пари да издржи оваа Влада до 2028 година, ние не сме му алиби за тоа, да не бега, кога ќе снема пари тогаш ќе има избори – рече Филипче.
Мицкоски ќе им го „честита“ партискиот роденден на министрите што ќе „летаат“


