Општинските бараки адаптирани за градинка/ Фото: Општина Карпош

Деца од две градинки во Козле сместени во еден објект, спијат и јадат на „бина“ — Општината тврди дека условите се добри

На прашањето до Општина Карпош зошто е дозволено децата од градинката „Пролет – Канела“ да се сместат во градинката „Пролет 1“, наместо во општинските бараки додека им се гради градинката и дали провериле во какви услови престојуваат сега сите деца во тој објект, оттаму тврдат дека градинката во која се сместени ги исполнува потребните услови и дека нема зошто да се загрижени родителите. Но не одговараат колку долго ќе се гради градинката.

Родители на деца од градинката „Пролет 1“ или „Пролет – Управа“, лоцирана до училиштето „Владо Тасевски“ во Козле, подготвуваат петиција во знак на револт поради тоа што во овој објект, кој, како што велат, располага само со шест занимални, во наредните месеци ќе бидат сместени и децата од градинката „Пролет 2“, позната и како „Пролет-Канела“.

Тоа треба да трае додека не се изгради новиот објект на градинката, кој во моментов се урива, а судејќи според тоа како се одвиваа градежните работи на новата градинка „Мајски цвет“ во Тафталиџе 1, која наместо четири се градеше 7-8 месеци, ќе потрае и изградбата на градинката „Пролет 2“.

Со петицијата која родителите ќе ја поднесат до Општина Карпош и до Државниот инспекторат за труд, тие бараат преиспитување на одлуката за времено сместување на дополнителен број деца во градинката. Бараат и да се спроведе проценка на просторните, безбедносните и хигиенско-санитарните капацитети на објектот согласно важечките нормативи и стандарди, но и да се разгледаат алтернативни решенија за времено згрижување на децата од градинката која се урива.

Родителите со кои разговаравме посочуваат дека нивниот револт не е насочен кон децата кои се привремено сместени во „Пролет 1“ ниту кон нивните родители, туку кон лошите услови во кои мора со месеци да престојуваат сите дечиња.

Сериозно сме загрижени дека предложеното решение не е во согласност со законските нормативи, просторните капацитети на објектот и основните стандарди за безбедност, хигиена и квалитетно извршување на дејноста згрижување и воспитание на деца од предучилишна возраст. Дополнително загрижува фактот што родителите беа известени за оваа одлука само неколку дена пред нејзината имплементација, без претходна консултација, без транспарентно презентирање на условите и без јасна информација дали објектот располага со соодветен капацитет за прием на дополнителен број деца – наведуваат тие.

Минатата година во септември, кога општинската администрација на Карпош се пресели во новата зграда, бараките кои ги користеше беа адаптирани и во неа беа привремено сместени децата од „Мајски цвет“ додека се градеше новиот објект на градинката. Потоа, како што посочи тогашниот градоначалник Стевчо Јакимовски, во бараките требаше да бидат згрижени децата од „Пролет – Канела“ сѐ додека не се изгради и нивниот објект.

Вработените во Општина Карпош се селат во новата зграда, бараките привремено ќе станат градинка

Но, според неофицијалните информации, тоа не било прифатено од родителите на децата од „Пролет-Канела“ затоа што општинските бараки им биле далеку за секојдневно да ги носат децата дотаму, па на почетокот на оваа година тие со петиција побарале друго решение. Барањето им било прифатено и тие од пред неполн месец се во градинката „Пролет 1“.

Но, родителите на децата од градинката која ги прифатила новодојдените, како што тврдат, за ова биле известени два дена пред да пристигнат децата од другиот објект.

Сега, според раскажувањето на родителите, во градинката е хаос. Двете големи групи од матичниот објект наместо во занимална се префрлени во салата кај што е бината и во холот, додека во едната занимална се сместени дел од децата кои се дојдени, а другата, како што им било кажано се реновира. Тие тука и јадат и спијат. Како што велат проблем се и тоалетите, затоа што во секоја занимална има по три вц-школки, а голем е бројот на деца. Притоа, како што велат, ходникот каде што се предаваат наутро децата е преполн со столчиња и инвентар донесен од другата градинка.

Во такви услови тешко е да се одржува хигиена, што е многу важно за простории кајшто престојуваат деца. И тоа е проблем уште сега, во летен период кога голем број од запишаните деца не доаѓаат во градинка, а што ќе биде од септември кога ќе се вратат? Навистина не е доволен овој простор за толку многу деца, а повеќе од очигледно е дека дотогаш нема шанси да се изгради новата градинка, со оглед на тоа што сега е во фаза на уривање – вели еден од родителите.

Градинката „Мајски цвет“ уште се гради, децата наместо два веќе шест месеци се сместени во општинска барака

На прашањето до Општина Карпош зошто е дозволено децата од градинката „Пролет – Канела“ да се сместат во градинката „Пролет 1“, наместо во општинските бараки додека им се гради градинката и дали провериле во какви услови престојуваат сега децата во тој објект, оттаму тврдат дека градинката во која се сместени ги исполнува потребните услови и дека нема зошто да се загрижени родителите.

Објектот ,,Пролет 1” е цврста градба и има на располагање повеќе санитарни чворови кои ги исполнуваат потребите на децата. Исто така би сакале да напоменеме дека овој објект располага и со повеќе влезови и излези, со цел да обезбеди поголема безбедност и сигурност за децата кои се згрижени во оваа градинка. Децата имаат можност да престојуваат и во дворот на самата градинка, кој е доста голем и има место за сите деца, а пак главната кујна за храна се наоѓа на приземјето во градинката. Бараките кои се наоѓаат во рамки на ООУ ,,Лазо Трповски”, се монтажни бараки и се во добра состојба, но во координација со градинката, Општината и Министерството, одлучено е децата да престојуваат во објект „Пролет 1”, со оглед на фактот дека овој објект дозволува да прифати повеќе дечиња и пред сѐ располага со услови за сите згрижени деца – велат од Општина Карпош.

Според нив, од голема важност за децата е што тие нема драстично да ја менуваат локацијата, бидејќи децата кои ја посетуваат градинката „Пролет 2”, живеат во близина на објектот, а и градинката „Пролет 1”, е исто така во близина на нивното живеалиште. Исто така тврдат дека секое лето децата престојуваат во холот оти оваа просторија е климатизирана.

Холот на градинката е адаптиран за престој на деца и секоја година оваа просторија се користи во летниот период за иста намена, бидејќи има клима уреди, и има место за истата намена, згрижување на дечиња. Во таа насока, би сакале да напоменеме дека досега ниту до одборот на градинката, ниту до Општината или Министерството не се пристигнати реакции од родителите за несоодветен престој, туку напротив реакциите се позитивни за понудените услови – велат од таму, но притоа не одговараат на прашањето кога очекуваат да заврши изградбата на градинката.

Од друга страна, родителите велат дека минатото лето сите деца биле сместени во холот затоа што се варосувале занималните. Но сега, додека едни деца се во занимални, други се во холот.

Дали ова значи, како што тврдат од Карпош дека доколку децата секое лето се згрижувале во холот поради климата, сега поголемиот дел од нив се препотуваат во неклиматизирани занимални? Или ова е само оправдување пред родителите чии деца спијат во креветче на бина и по ходници – велат родителите.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот