Градинка „Мајски цвет“? Фото: Општина Карпош

Градинката „Мајски цвет“ уште се гради, децата наместо два веќе шест месеци се сместени во општинска барака

Реконструкцијата на градинката „Мајски цвет“ во населбата Тафталиџе 1 е во завршна фаза, соопштија од Општина Карпош, откако на социјалните мрежи реагираа родители на деца од оваа градинка, кои од септември се привремено сместени во бараките каде дотогаш функционираше Општината.

Градинката, како што првично најави претходниот градоначалник Стевчо Јакимовски, требаше да биде завршена за два месеца, но трае веќе шести месец. Сега од Општината објаснуваат дека при изградбата се појавиле проблеми.

Во текот на изведбата беа утврдени дополнителни и непланирани градежни зафати, особено во постариот дел од објектот, кои наложија дополнителни интервенции и пролонгирање на рокот за завршување. Овие активности се неопходни за да се обезбеди целосна функционалност и исполнување на сите безбедносни и технички стандарди, велат од Општината.

Оттаму тврдат дека во моментов се работи на санирање на сите дополнителни интервенции, во што се вклучени и стручни лица од Општина Карпош, изведувачот и надлежното Министерство и дека се обезбедени дополнителни средства за целосно довршување на проектот. Како што велат објект што згрижува деца мора целосно да ги исполнува сите стандарди пред да биде пуштен во употреба и дека јавноста ќе биде редовно информирана за сите следни чекори и рокови поврзани со овој проект.

Денеска на објектот на градинката каде се изведуваат градежните работи увид направија градоначалникот на Карпош, Сотир Лукровски и заменик-министерот за социјална политика, демографија и млади Ѓоко Велковски.

Станува збор за темелна реконструкција со која значително ја унапредуваме функционалноста, безбедноста и енергетската ефикасност на објектот. Овој проект претставува капитална инвестиција на Владата на Република Македонија, реализирана преку Министерството за социјална политика, демографија и млади, во соработка со Општина Карпош. Со завршувањето на градежните работи, објектот во Тафталиџе 1, ќе прерасне во модерен и енергетски ефикасен објект, кој ќе обезбеди подобри услови за згрижување и развој на најмладите жители на општината – вели Велковски.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот