ФОТО | Внукот на кралот Чарлс се ожени со медицинска сестра, Кејт Мидлтон и принцот Вилијам меѓу гостите на кралската свадба
Кралот Чарлс Трети и кралицата Камила беа пречекани со овации од насобраните граѓани додека пристигнуваа на свадбата на внукот на британскиот монарх, Питер Филипс, синот на принцезата Ана, пишува Би-би-си.
Препорачано
Питер Филипс (48) во саботата се ожени со медицинската сестра Хариет Сперлинг на приватна церемонија во црквата „Сите Светии“ во селото Кембл во Глостершир. Двојката го избрала токму ова место затоа што Сперлинг живеела во селото кога се запознале.
На свадбата присуствуваа бројни членови на британското кралско семејство, меѓу кои принцот Вилијам и принцезата Кетрин, позната како Кејт Мидлтон, како и Зара и Мајк Тиндал, војводата и војвотката од Единбург, како и принцезите Беатрис и Јуџини со своите сопрузи.

Многубројни љубопитни посетители од различни делови на светот се собраа пред црквата за да го следат пристигнувањето на кралските гости. И покрај дождливото време, присутните ги поздравуваа членовите на кралското семејство со аплауз и извици.
Невестата пристигна во придружба на три деверуши – 15-годишната Савана и 14-годишната Исла, ќерките на Филипс од неговиот прв брак, како и нејзината ќерка Џорџина.

Питер Филипс и Хариет Сперлинг започнале врска во 2024 година, четири години по неговиот развод од поранешната сопруга Отам Кели. Својата свршувачка ја објавија во август 2025 година.
Интересно е што свадбата се одржа на истиот ден кога се одржуваше и престижната коњичка трка Епсом Дерби. По церемонијата, кралот Чарлс и кралицата Камила со хеликоптер отпатувале до Сари за да пристигнат навреме на трката и да го врачат победничкиот трофеј.
Питер Филипс е син на принцезата Ана и капетанот Марк Филипс и моментално е 19-ти во редот за наследување на британскиот престол. Церемонијата се одржа во живописната црква во срцето на селото Кембл, далеку од големите градови, но под будното око на јавноста и медиумите.


