ВИДЕО | Лажното боледување на Лукровски заврши — по три дена неоправдано отсуство следи отказ, вели Јакимовски
Поранешниот градоначалник на Општина Карпош, Стевчо Јакимовски, денеска на прес-конференција го повика Инспекторатот за труд да го провери отсуството од работа на актуелниот градоначалник Сотир Лукровски со оглед на тоа што не се појавил на работа една недела откако му заврши, како што го нарече, лажното боледување.
Препорачано
„Наводното боледување му е истечено на 30 мај. На него пишува дека вработениот треба да се јави на работа на 30 мај. Оттогаш до денеска тој не се појавува на работа, а Законот за работни односи во член 82 став 1 е јасен – ако вработениот не се јави три последователни дена на работа и не го оправда своето отсуство му следува отказ без отказен рок. Вработениот може да отсуствува од работа по три основи – ако е на службен пат, ако отворил годишен одмор или ако отворил боледување. Тој не отворил ниту боледување затоа што докторите одбиваат да му отворат лажно боледување како што беше случај минатиот пат“,рече Јакимовски.
Тој рече дека Законот за работни односи важи за секој вработен во државата и не смее да се дозволи негова злоупотреба и кршење од страна на градоначалникот на Карпош, Сотир Лукровски. Поради тоа, Јакимовски го повика Инспекторатот за труд да постапува во врска со случајот.
„Можно ли е 500 000 вработени во оваа држава ако три дена не дојдат на работа да добијат отказ, а само градоначалникот на Карпош може и понатаму да се излежава и да седи дома, да не доаѓа на работа и да нема никакво оправдување за тоа, а притоа да биде заштитен од премиерот Христијан Мицкоски кој вели дека по боледувањето му треба на човекот малку одмор. Ова е навреда на интелигенцијата и на здравиот разум на граѓаните на Карпош и мислам дека Инспекторатот за труд треба да дојде и да констатира техничка победа на граѓаните на Карпош над беззаконието што го прават ВМРО-ДПМНЕ и Мицкоски“, додаде Јакимовски.
Според него, Лукровски се крие зад лажно боледување бидејќи не сака повеќе да доаѓа на работа, а причините за тоа, додаде Јакимовски, најдобро ги знаат неговите колеги од ВМРО-ДПМНЕ.
Најздраво решение во моментов, според Јакимовски, е Општина Карпош да оди на предвремени локални избори за граѓаните да го кажат своето мислење. Тој не ја исклучува можноста доколку се одржат избори, повторно да се кандидира за градоначалник на Карпош.
„Општината е во целосен застој. Би бил среќен ако после мене дојдеше некој што навистина е подобар од мене, кој ќе сака многу повеќе да работи, ќе внесе новини, да биде посветен на решавање на проблемите, а очигледно дека овој човек мајка му не го родила за оваа работа. Граѓаните мора да имаат избор и очекувам дека добро ќе размислат за кого ќе го дадат гласот на наредните локални избор“, рече Јакимовски.
Премиерот Христијан Мицкоски вчера изјави дека здравствената состојба на градоначалникот на Карпош е таква што бара мирување. Во однос на тоа дали отсуството од работа и по завршувањето на боледувањето на Сотир Лукровски претставува злоупотреба, премиерот упати ваквото прашање да му се постави на директорот на ФЗО.
На Лукровски му заврши боледувањето, Мицкоски вели дека неговата здравствена состојба бара мирување
ВИДЕО | Мицкоски го „промовираше“ Крстевски во градоначалник на Карпош


