Се воведува нов систем на СМАРТ лиценци — со едно скенирање на код ќе се проверува валидноста
Министерството за дигитална трансформација денеска претстави целосна дигитализација на системот на издавање и контрола на лиценци што ги издава државата преку систем на СМАРТ лиценци за јавните институции. Министерот Стефан Андоновски рече дека моделот овозможува лесна и брза проверка на валидноста на издадените лиценци преку систем што содржи електронско барање, електронски регистар, QR проверка, транспарентност и проверлива трага.
Препорачано
-
1
-
2
-
3
Воведувањето на СМАРТ лиценци за јавните институции, според Андоновски, претставува уште еден практичен чекор во дигиталната трансформација на услугите – наместо документ што се носи, фотокопира, препраќа и тешко се проверува се воведува модел во кој постои еден официјален електронски запис поврзан со код и електронски регистар што ја покажува точната моментална состојба.
„Со едно скенирање може да се провери официјалниот статус на лиценцата, дали е важечка, суспендирана, укината или во постапка. Тоа значи дека граѓанин, компанија, инспектор или друга институција не проверува стара копија или документ, туку ја проверува актуелната состојба. Со СМАРТ лиценците граѓаните добиваат можност за брза проверка на валидноста некоја лиценца, компаниите добиваат поголема доверба во правниот промет, намалена субјективност од администрацијата и помалку чекање во административни процедури, а институциите добиваат еден електронски регистар достапен во реално време со помалку хартија и барања за потврди и подобра инспекциска и јавна контрола“ изјави Андоновски.
Тој посочи дека досега немало начин да се провери валидноста, што сега ќе биде овозможено преку жив регистар до кој се пристапува со скенирање на код од лиценцата.
Системот, како што посочи Андоновски, дел од документите ги влече по автоматизам, а дел се уште се закачуваат како електронски документи и се валидираат во процесот, се користи високо ниво на електронска идентификација со електронски потпис, а барањето се обработува во системот на министерството. Имаме база од 340 илјади корисници и целта е таа да се искористи и врзе со другите институции.
„Нашата цел е државата да престане да бара од граѓаните и компаниите да бидат курири на документи. Државата мора да обезбеди податоците да бидат точни, достапни, проверливи и безбедни. СМАРТ лиценците се еден многу конкретен пример како дигитализацијата носи реална вредност, помалку хартија, помалку бирократија, повеќе доверба, побрза проверка и поголема отчетност“ нагласи Андоновски.
Процесот, како што посочи Андоновски, нема да оди брзо и во сите институции одеднаш, но државата издава голем број лиценци, а системот е лесно прилагодлив и може да се употреби од лиценци за транспорт, логистика, осигурување, хотели, правосудство, животна средина, урбанизам, дозволи за градење.


