45. Марш за ангелите: Не бараме пресуда однапред, бараме одговори и барем малку достоинство
Во Кочани денеска се одржа 45. Марш на ангелите во кој родителите на трагично загинатите во пожарот во дискотеката „Пулс“ уште еднаш побараа правда за своите најблиски.
Препорачано
„Кога пред родители што ги изгубиле децата се зборува која поголема жртва, тоа не е одбрана, тоа е газење врз нашата болка. Не бараме пресуда однапред, бараме одговори, бараме сериозност и барем малку достоинство. И едноставно прашање. Дали секој што имал должност ја извршил совесно, професионално и во рамки на своите овластувања? Бидејќи, за едни ова се минути, листинзи и процедури, за други ова е живот што повеќе никогаш нема да се врати“, порачаа учесниците на Маршот.
Од протесната поворка во 18:05 часот од Паркот на револуцијата беше упатено прашање до институциите дали секој што имал должност ја извршувал совесно, професионално и во рамките на своите овластувања.
„За вистината да не остане без глас и правдата да не остане без крај – не забораваме“, беше една од пораките на маршот.
„Со секоја должност доаѓаат обврски. Со секое овластување – одговорност. Со секоја униформа – очекувања дека ќе се постапува професионално, навремено и еднакво кон сите. Никој не спори дека спасувањето е човечка должност. Но оваа постапка не се води за тоа што се случувало откако пожарот веќе започнал. Прашањето е дали секој што имал службени обврски и законски овластувања – ги извршувал така како што се очекува од институција“, рече од пред зградата на Полициската станица во Кочани, Розета Џамова, сестра на починато момче.
Според неа и родителите прашањето не е што се правело откако почнал пожарот, туку дали било направено се што било должност да се направи за до него воопшто да не дојде.
Александар Наунов, претседател на Здрижението „16 март 2025 Кочани“, од пред Судот во Кочани изјави дека никој не бара пресуда без докази, ниту некој бара улицата да суди.
-Но, ако обемноста на доказите е проблем, тогаш прашањето не е зошто ги има толку. Прашањето е – како толку години системот преминувал преку толку неправилности и проблеми, рече Наунов.
45. марш се одржа по вчерашното рочиште, каде полицајците кои кобната ноќ беа во „Пулс“ тврдеа дека се обвинети затоа што спасувале деца. Дел од родителите им порачаа дека тие се највиновни за смртта на 63 млади луѓе.


