Штипската клиничка болница /Фото: МИА

До септември треба да се отвори регионален Ургентен центар во штипската Клиничка болница

Регионалниот ургентен центар во Клиничка болница-Штип треба да се отвори најдоцна до септември, а овој центар ќе пружи итна медицинска помош на пациентите со животозагрозувачки состојби од Источниот и Југоисточниот регион, изјави заменик-директорот на штипската болница Билјана Ефтимова.

Таа вели дека постапката за негово формирање е веќе започната, а во наредниот период ќе се преадаптираат просториите на сегашната дежурна амбуланта. Центарот ќе работи 24 часа дневно, седум дена во неделата и ќе ги покрива сите итни состојби кај децата и возрасните пациенти.

– Ќе биде хируршки и интернистички ургентен центар за сите пациенти од Источниот и Југоисточниот регион, а кои ќе доаѓаат како ургентни пациенти. Овде првично ќе бидат сместени за да се дијагностицираат, а потоа да се третираат, каде што е потребно-вели Ефтимова.

Директорот на Клиничка болница-Штип, Владко Захариев вели идејата за негово формирање постои неколку години, но се одложуваше поради недостиг на медицински кадар и соодветни простории.

– Модуларната веќе функционира за „Мој термин“, така што напливот на пациенти што беше на приемно одделение е помал. Тие амбулантни што се за ендокринологија и за подигање на инсулин веќе се во модуларната болница. Физичка подготовка е веќе направена и сега има услови да се формира ургентниот центар-вели Захариев.

Инаку, за да се намали недостигот од медицински кадар, минатиот месец беа распишани огласи за вработување на 25 луѓе.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот