12 милијарди долари веднаш, 12 милијарди подоцна: Воениот советник на ајатолахот ги кажа условите и предупреди на поширока војна
Еден од највлијателните луѓе во иранскиот безбедносен апарат, Мохсен Резаи, воен советник на врховниот лидер ајатолахот Моџтаба Хамнеи, изјави дека разговорите меѓу Техеран и Вашингтон се во ќорсокак и дека идниот договор зависи од тоа дали администрацијата на Доналд Трамп ќе се согласи да ослободи 24 милијарди долари замрзнати ирански средства, рече тој во ексклузивно интервју за Си-ен-ен.
Препорачано
Резаи предупреди дека секој нов американски воен ангажман против Иран би можел да го прошири конфликтот далеку надвор од Персискиот Залив, вклучувајќи го Индискиот Океан, Црвеното Море и Медитеранот.
„Преговорите меѓу Соединетите Американски Држави и Иран се во застој, а клучот за нивното продолжување е во рацете на претседателот Доналд Трамп. Преговорите се во ќорсокак и Трамп мора да го прекине ќорсокакот. Топката сега е во неговиот двор“, рече Мохсен Резаи.
12 милијарди сега, 12 милијарди подоцна
Според него, Иран бара 12 милијарди долари да бидат достапни веднаш по потпишувањето на привремениот договор, додека преостанатите 12 милијарди би биле ослободени во подоцнежна фаза од процесот. Резаи инсистира дека ова не е отстапка што Америка би ја направила на Иран, туку пари што ѝ припаѓаат на иранската држава.
„Ако Трамп сака да постигне договор со Иран, овие 24 милијарди долари претставуваат тест за доверба. Тоа е тест што Америка мора да го положи. Тоа се наши пари, а не на Америка“, рече тој.
Неговите изјави доаѓаат во време кога американската администрација размислува како да ги продолжи разговорите со Техеран, но во исто време се плаши дека одмрзнувањето на средствата би го ослабнало еден од најважните инструменти за притисок врз иранскиот режим.
Трамп постојано нагласува дека сака договор што би бил многу построг од нуклеарниот договор од 2015 година и се стреми да избегне секаков потег што би можел да потсетува на финансиските аранжмани на претседателот Барак Обама.
„Ќе ја прошириме војната и ќе ѝ дадеме нова димензија“
Сепак, многу повеќе внимание од финансиските барања привлече предупредувањата на Резаи за можен нов конфликт.
Тој тврди дека Иран не сака војна, но дека е подготвен да одговори доколку се случи. Според него, евентуалното продолжување на конфликтот со САД нема да биде ограничено само на Персискиот Залив.
„Ќе ја прошириме војната и ќе ѝ дадеме нова димензија со напаѓање на други американски бази, покрај оние што досега ги таргетиравме“, рече Резаи.
Тој прецизираше дека потенцијалните операции би можеле да вклучуваат области од Ормускиот Теснец до Индискиот Океан, преку теснецот Баб ел-Мандеб, Црвеното Море и Медитеранот. Сепак, тој оцени дека веројатноста за нова војна во моментов е мала.
Ништо од средбата меѓу ајатолахот и Трамп
Резаи, исто така, се осврна на шпекулациите за можна средба меѓу Доналд Трамп и ајатолахот Моџтаба Хамнеи. Тој категорично ја отфрли таквата можност, наведувајќи дека преговорите во моментов се само во почетна фаза и дека нема простор за средба меѓу двајцата лидери.
„Тоа нема да се случи. Трамп ги доведе преговорите во застој“, рече тој.
Интересен дел од интервјуто се однесуваше и на Ормускиот Теснец, еден од најважните енергетски пасажи во светот. Резаи тврди дека Иран и Оман имаат суверенитет над овој морски пат и ќе го управуваат заеднички. Тој нагласи дека Иран би можел да наплаќа одредени такси за бродовите што минуваат по тој пат, но ги отфрли тврдењата дека тоа би претставувало еден вид данок.
„Подготвени сме и за американска инвазија“
Зборувајќи за можноста преговорите целосно да пропаднат, Резаи рече дека Иран е подготвен дури и за сценариото на американска инвазија на негова територија. Според него, иранските копнени сили претставуваат многу поголема воена сила од ракетниот арсенал по кој е позната земјата.
На крајот, тој оцени дека неодамнешниот конфликт претставува историска пресвртница за Исламската Република, тврдејќи дека Иран излезе како победник од војната за првпат во својата модерна историја.
„Ова е првпат Иран да излезе како победник од војна. Во сите претходни војни, Иран беше поразен“, заклучи Резаи.
ВИДЕО | Америка нападна танкер, Иран возврати со ракети и со дронови – погоден е аеродром во Кувајт


