За здравството ќе се бара лек во нов министер — Вреди прави комбинации во пресрет на владината реконструкција
Во игра е ротација на вицепремиерот Беким Сали со министерот за здравство Азир Алиу. Во таков случај, Сали ќе остане прв вицепремиер, но наместо во ресорот европски прашања, понудата ќе биде тој да раководи со Министерството за здравство. Во таков случај, актуелниот министер за здравство Алиу би ротирал во ресорот вицепремиер за добро владеење, на местото на Фетаи.
Вреди наголемо прави комбинации во пресрет на владината реконструкција која ја најави премиерот Христијан Мицкоски за втората половина на јуни. Пред средбата на премиерот со двајцата копретседатели на Вреди која може да се држи веќе следната недела, понудата на албанскиот дел во Владата до Мицкоски ќе зависи од тоа дали лидерот на ВМРО-ДПМНЕ ќе оди на голема реконструкција на владиниот кабинет или, пак, на помали корекции, но и од тоа дали реконструкцијата ќе опфати и размена на ресори меѓу владините партнери.
Препорачано
Висок партиски функционер брифира за „Слободен печат“ дека партиската анализа покажала поголемо незадоволство од сработеното од замениците министри и директорите, а според нашиот извор, првата владина постава досега прилично добро управувала со ресорите.
Не се очекува копретседателите Изет Меџити и Билал Касами да му предложат на Мицкоски смена на министри од Вреди, освен министерот за социјална политика Фатмир Лимани. Но доколку премиерот на маса стави трампа на ресори, понудата ќе биде ротација на дел од министрите, како и понуда на нови кадровски решенија. Ако, пак, се оди на мала реконструкција, тогаш смена ќе има само во ресорот социјална политика и на вицепремиерската функција за добро владеење, откако вицепремиерот Арбен Фетаи, поднесе оставка.

Според функционерот со кој разговаравме, во игра е ротација на вицепремиерот Беким Сали со министерот за здравство Азир Алиу. Во таков случај, Сали ќе остане прв вицепремиер, но наместо во ресорот европски прашања, понудата ќе биде тој да раководи со Министерството за здравство. Во таков случај, актуелниот министер за здравство Алиу би ротирал во ресорот вицепремиер за добро владеење, на местото на Фетаи.
За Министерството за европски прашања како можни нови министри се споменуваат Агон Ферати и Флакрон Беџети. Ако ресорот социјална политика остане кај Вреди, предлогот за нов министер на местото на Лимани ќе биде еден од тројца членови на поранешната Беса, која сега се трансформира во Вреди. Според брифингот, ако ресорот социјална политика биде ставен на маса за ротација, Вреди е заинтересирана да ги добие или Министерството за култура или тоа за спорт.
Иако Вреди не го „игра“ Лимани во ниедна комбинација, сепак, неизвесно е дали тој ќе остане во кабинетот на Мицкоски. Од Вреди се децидни дека во таков случај Мицкоски ќе треба да му отстапи ресор со кој сега раководи ВМРО-ДПМНЕ или нивните коалициски партнери. Според информациите, Лимани можно е да дојде на местото на вицепремиерот без ресор Шабан Салиу или на вицепремиерот и министер за односи меѓу заедниците Иван Стоилковиќ.

Фетаи, пак, откако повеќе од два месеца не доаѓаше на работа, па поднесе оставка, Мицкоски ќе го награди со функција – специјален претставник од Брисел. Тоа вчера го потврди и копретседателот на Вреди Изет Меџити.
– Фетаи даде оставка за да биде назначен за специјален претставник во Брисел, односно да заземе нова функција – рече Меџити.
За реконструкцијата на Владата, Меџити рече дека деновиве се очекува да се разговара за принципите и за можна промена на ресори и имиња.
Друга комбинација е во игра ако ВМРО-ДПМНЕ инсистира да го земе Министерството за здравство и со него да раководи директорот на ГОБ „8 септември“ Синиша Стојаноски. Вреди во таков случај ќе го бара Министерството за образование со кое раководи Весна Јаневска. Неофицијално, речиси е извесно дека Јаневска по реконструкцијата нема да биде министерка и дека самата најавила дека сака да се повлече. Можни ресори кои ВМРО-ДПМНЕ ќе ги понуди за смена или за ротација се Министерството за култура, кое го предводи Зоран Љутков, Министерството за спорт – Борко Ристовски и Министерството за локална самоуправа со кое раководи Златко Перински.

Речиси е извесно дека Вреди ќе му понуди на Мицкоски смена на заменик-министерот во МВР Астрит Исени, од кого се незадоволни. Можна е смена и на заменик-министерот за култура, Седат Сулејмани, но не зашто тој не се истакнал, туку поради несогласувањата и несоработката на заменик-министерот со министерот за култура Љутков. Во случај Мицкоски да го смени Љутков, како што се шпекулира или ако има ротација на ресорот култура, тогаш е можно Сулејмани да остане во заменичката фотелја. За преостанатите двајца заменици – во ресорите образование и одбрана – Дритон Сулејмани и Адмир Шабани – Вреди не планира смена, бидејќи иако се на функција од неодамна, партијата е задоволна од нивната работа.
Од ЗНАМ, како што веќе објавивме, потврдија дека не очекуваат смени во нивните ресори, иако одамна се шпекулира дека ВМРО-ДПМНЕ не е најсреќна од работењето на министерот за правда Игор Филков. Портпаролот на ЗНАМ Никола Мемов изјави дека се задоволни од работата на Филков, како и од министерот за јавна администрација Горан Минчев, но и дека нема да бараат други ресори, бидејќи договорот со ВМРО-ДПМНЕ е за трајна соработка за целиот четиригодишен мандат.


