Последната линија на одбраната – десет голмани кои можат да го одлучат Мундијалот
На Светското првенство, вниманието традиционално е насочено кон напаѓачите, головите и големите ѕвезди кои ги решаваат натпреварите во последната третина од теренот. Сепак, искуствата од претходните турнири покажуваат дека трофеите не се освојуваат само преку нападот, туку и поради сигурните интервенции на голманите.
Препорачано
Во модерниот фудбал, голманите веќе не се само последна линија на одбраната. Тие станаа првите организатори на играта, играчите кои го започнуваат нападот, го контролираат ритамот и, во многу случаи, директно го одлучуваат исходот од натпреварите.
На Светското првенство во САД, Канада и Мексико ќе настапат многу врвни голмани. Некои се веќе докажани имиња на светската сцена, други дури сега ги преземаат клучните улоги во своите селекции.
Меѓу стативите на Холандија ќе се најде голманот на Брајтон, Барт Фербруген. Тој веќе покажа на Европското првенство во 2024 дека има квалитет и смиреност да брани на највисокото ниво. Фербруген е модерен голман кој знае да игра со топка и ги започнува нападите со врвна дистрибуција и визија, поради што често е споредуван со Мануел Нојер.
Џордан Пикфорд можеби не е најатрактивното име на листата, но тој секогаш е сигурен избор за селекцијата на Англија. Голманот на Евертон се истакнува кога е најпотребно и е еден од најважните играчи на „трите лава“.
Португалија се потпира на голманот на Порто, Диого Кошта кој исто како Фербруген е производ на „школата на Нојер“. Неговите прецизни додавања не само што започнуваат напади, туку и овозможуваат тимот да ја задржи контролата на играта. Покрај тоа, Кошта е и специјалист за пенали, со околу 30% одбранети удари од белата точка на клупско и репрезентативно ниво.
Мануел Нојер можеби е во фудбалски години, но тој сè уште важи за еден од најдобрите светски голмани. Пред Мундијалот тој се врати од репрезентативната пензија и се очекува да го добие стартното место меѓу стативите за Германија. Можеби неговите рефлекси не се како во најдобрите денови, но неговите лидерски способности и дистрибуцијата на топката ќе бидат од клучно значење за Германија да го повтори успехот од 2014 година.
Швајцарија веќе е редовен учесник во елиминациските фази од Светските првенства. На претходните Мундијали, голот на Швајцарците го бранеше Јан Зомер, но на ова првенство дресот број еден ќе го добие Грегор Кобел. Голманот на Дортмунд со неговите игри во Бундеслигата и 15-те „чисти мрежи“, го зацврсти статусот како еден од најдобрите светски голмани.
Херојот од Мундијалот во Катар, Емилијано Мартинез, со својата клучна одбрана во финалето практично ја освои титулата за својата држава. Потоа во пенал-серијата го одбрани ударот на Коман и психолошки го дестабилизираше Чуамени кој промаши пенал. Аргентина ќе има потреба од исти такви херојства и ова лето, ако сака да ја одбрани титулата.
Можеби Ливерпул не ја имаше сезоната од соништата, но Алисон Бекер остана симбол на сигурност, често ја спасуваше својата екипа кога одбраната потфрлаше. Тешко е да се најде подобар голман за „еден на еден“ ситуации од него. Фудбалерот на Ливерпул би можел да биде пресуден фактор во обидот на Бразил за нова титула ова лето.
Мајк Мењан го носи дресот со број 16 за Франција, но тој е без конкуренција број еден меѓу стативите за „триколорите“. Милан имаше тешка сезона, но Мењан остана меѓу најдобрите голмани во Европа со неговите „чисти мрежи“ и одбранети пенали. Тој е елитен голман со неверојатно брзи рефлекси, а заминување од „Сан Сиро“ е сè поизгледно за голманот.
Покрај силната конкуренција, се очекува Шпанија да му ја даде довербата меѓу стативите на голманот на Арсенал, Давид Раја. Тој со неговата дистрибуција и визија совршено се вклопува во филозофијата на Де ла Фуенте.


