Ибрахимовиќ: Да бев на теренот, ќе го удрев Паредес со глава
Златан Ибрахимовиќ без влакна на јазикот го искритикува однесувањето на Леандро Паредес по финалето на Светското првенство меѓу Шпанија и Аргентина, а притоа објави и дека завршува со телевизиското коментирање.
Препорачано
Легендарниот шведски напаѓач, кој беше дел од студиото на „Фокс“ за време на Мундијалот во САД, Канада и Мексико, не го криеше незадоволството од агресивниот настап на аргентинскиот репрезентативец. Според Ибрахимовиќ, Паредес преминал граница со своето однесување и за време, но и по завршувањето на финалниот натпревар.
„Леандро Паредес може да биде среќен што на теренот немаше играчи како мене. Да бев таму, ќе го удрев со глава и ќе добиев црвен картон“, изјави Ибрахимовиќ.
Поранешниот фудбалер на Милан, Интер, Јувентус, Барселона и Манчестер Јунајтед смета дека изостанала и реакција од шпанските репрезентативци.
„Не знам што прават шпанските играчи. Само гледаат како друг играч го удира нивниот соиграч“, додаде Ибра.
Освен што го коментираше финалето, Ибрахимовиќ ја искористи можноста да се збогува со телевизиската публика. Тој откри дека неговиот ангажман како стручен аналитичар бил еднократен и дека повеќе нема да се појавува во таа улога.
„Многу зборував во последните месец и пол, но ова ќе бидат моите последни зборови. Беше големо задоволство да го делам студиото со вас. Се надевам дека гледачите уживаа колку што уживав и јас. Ова беше моето прво и последно искуство како телевизиски коментатор. Чувајте се“, порача Ибрахимовиќ.
За време на Светското првенство, Ибра беше дел од аналитичкото студио на „Фокс“, заедно со Тиери Анри и Алекси Лалас, а со своите директни и искрени коментари привлече големо внимание кај фудбалската јавност.


