Се „крчка“ новата дозвола за „Усје“ – процесот е скриен од јавноста, реагира Левица
Продолжувањето на А-интегрираната еколошка дозвола за „ТИТАН Усје“ повторно ги разгневи стручната јавност и еколошките друштва, ставајќи ги интересите на крупниот капитал пред интересите на граѓаните. Стручната јавност, лекарите, екологистите и сите засегнати страни добиваат само 30 дена да анализираат обемна документација која ќе одлучува за квалитетот на воздухот и здравјето на населението во следните седум години, реагира Левица.
Препорачано
Според опозициската партија, од друга страна, на „Усје“ ѝ биле оставени повеќе од два месеци за корекции, дополнувања и усогласување на документацијата.
„Институциите трпеливо чекале, помагале и овозможувале процесот да се одвива без притисок и без рокови што би можеле да го загрозат интересот на компанијата. Уште поскандалозен е фактот што документацијата е објавена така што малкумина знаат и дека постои. Наместо процесот да биде јавно истакнат и достапен за секој граѓанин, тој е скриен во административни папки и бирократски процедури кои очигледно повеќе му служат на инвеститорот отколку на јавниот интерес“, се вели во реакцијата на Левица.
Партијата прашува, ако институциите навистина веруваат во транспарентност, зошто не организираат широка јавна кампања.
„Зошто граѓаните сами треба да ја бараат документацијата? Зошто процесот се води како да станува збор за техничка формалност, а не за одлука што директно влијае врз здравјето на стотици илјади луѓе? Особено загрижува најавата дека јавната расправа би можела да се одржи веднаш по 26 јуни, во период кога започнуваат летните одмори и кога учеството на јавноста е значително намалено“, посочуваат од Левица.
Според Левица „граѓаните со право се прашуваат дали станува збор за случајност или за внимателно избран термин во кој критиките ќе бидат помалку бројни, а отпорот послаб“.
„’ТИТАН Усје’ со години остварува профит во милиони евра. Граѓаните, пак, со години живеат со загаден воздух и ги трпат последиците врз своето здрвја. Денес се одлучува дали во наредните седум години компанијата ќе продолжи да работи под услови што ќе ги штитат интересите на јавноста или под услови што ќе го штитат нејзиниот профит“, забележува Левица.
Опозициската партија бара да продолжи рокот за јавни забелешки и активно информирање на граѓаните, а јавната расправа да се одржи во термин што овозможува максимално учество на јавноста.
Исто така, Левица бара независна експертска ревизија на севкупната документација, задолжителен независен мониторинг на емисиите со јавно достапни податоци во реално време, значително построги еколошки стандарди од досегашните, како и „здравјето на граѓаните да биде ставено пред профитот на корпорациите“.
„Воздухот не е сопственост на ‘ТИТАН Усје’. Институциите не смеат да работат во интерес на загадувачите, туку во интерес на народот. Оваа битка не е само за една дозвола, туку за тоа кој одлучува за иднината на Скопје – народот или корпорациите!“, стои во реакцијата.
Цементарница „Усје“ при крајот на минатиот месец, поточно на 22 мај ги доставила комплетните документи потребни за поднесување барање за продолжување на А-интегрираната еколошка дозвола до Министерството за животна средина и просторно планирање. Сега, следува најважната фаза од постапката – за увид во документацијата, a јавноста може да реагира 30 дена. Откако ќе истече рокот за забелешки, министерството треба да закаже јавна расправа во рок од 10 дена, што се очекува до 26 јуни.
Според граѓанската иницијатива „Стоп за Усје“, која во изминатите месеци организираше повеќе протести, „Титан Усје“ е еден од најголемите загадувачи во државата, а досегашниот процес за поднесување барање за дозвола покажал, како што велат, дека на оваа компанија ѝ е оставен и голем простор и долго време за подготовка на потребната документација, наспроти тоа колку малку време му се остава на јавниот интерес.


