Фото: „Стоп за Усје“

„Стоп за Усје“ со нова акција пред Министерство за животна средина: „Одлучете дали ќе застанете покрај здравјето или зад профитот“

Граѓанската иницијатива „Стоп за Усје“ денеска организираше нова акција, а притоа поднесе свој предлог до Министерството за животна средина за тоа каква да биде и што да содржи новата А-интегрирана еколошка дозвола за Цементарницата.

„На 11 март 2026 година, компанијата ‘ТИТАН Усје’ поднесе барање за обнова на А-дозволата за работа. Согласно законските рокови, Министерство за животна средина не ја објави дозволата во предвидениот рок од седум дена, што отвора можност постапката да се продолжи со дополнувања и да трае до 45–50 дена“, посочија од иницијативата.

Според процедурата, рекоа еко-активистите, најпрво ќе биде објавено барањето на „Титан Усје“ по што ќе следува јавна расправа во која „Стоп за Усје“ активно ќе учествува во овој процес.

„Денес, пред Министерството, како иницијатива ‘Стоп за Усје’ поднесовме сопствен предлог за А-интегрирана дозвола, изработена во согласност со европските регулативи за цементната индустрија, како и препораките на Светска здравствена организација за граничните лимити на загадување. Овој документ е резултат на заедничка работа на граѓани, еко-активисти и експерти, со цел компанијата да ги примени највисоките стандарди и да започне да функционира како современа, еколошка цементара во 21 век“, соопштија еко-активистите.

Фото: „Стоп за Усје“

Како што рекоа, пораката е јасна и дека „повеќе нема простор за одложувања и префрлање одговорност“.

„Здравјето на децата и граѓаните е во рацете на институциите. Одлуката за тоа каков воздух ќе дишеме во следните седум години е директна одговорност на Министерството за животна средина. Да избере дали ќе застане на страна на граѓаните и децата, или од страната на профитот на ‘ТИТАН Усје’. Ние го следиме секој чекор и ќе правиме јавен притисок додека не се прифати нашата предлог нова А-интегрирана дозвола“, дополнија од иницијативата.

Како дел од денешната акција, еко-активисти и спортисти симболично истрчаа од локацијата на фабриката до министерството, испраќајќи порака: „Сакаме да дишеме чист воздух секој ден“.

Фото: „Стоп за Усје“

Претходно, седнати на столчиња и опремени со транспаренти со еко-пораки, активистите на „Стоп за Усје“ и пред две недели имаа своја акција пред министерството. Во вид вид на граѓанско собрание, тие заседаваа за граничните вредности и контролите за загадувањето, а пред нив беше поставена макета на „Усје“, за да испратат порака дека внимателно го следат процесот на издавање на дозволата.

ФОТО+ВИДЕО | Макета на Усје „чуреше“ пред Министерството за животна средина, додека активисти расправаа за поголема контрола над Цементарницата

Ресорниот министер Муамет Хоџа тогаш рече дека ќе се организира јавна расправа за постапката за дозволата за „Усје“ на која, како што најавија од министерството, ќе присуствуваат сите засегнати страни, како и претставници на граѓанските организации и иницијативи.

Во меѓувреме, „Титан Усје“ посочи дека при подготовката на апликацијата за продолжување на дозволата, компанијата во целост ги следела обврските и условите што произлегуваат од законите и соработувала со сите надлежни институции.

Ќе има јавна расправа за дозволата за „Усје“, од фабриката велат дека процесот се одвива законски

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот