„Добро владеење“ без добар одговор — ако не е Димовски, кој ќе го води секторот?
Владата навремено и транспарентно ќе ја информира јавноста кога ќе се назначи лице задолжено за областа добро владеење. Во овој момент, таа постапка сè уште не е финализирана, изјавија од Владата за „Слободен печат“
Иако премиерот Христијан Мицкоски негираше дека неговиот близок соработник Димитар Димовски, кому му се судеше во предмети што ги отвори поранешното Специјално јавно обвинителство, ќе биде одговорен за „добро владеење“, демантирајќи се самиот себе, Владата сè уште не назначила лице што ќе го надгледува овој сектор.
Препорачано
По месеци разговори со коалициските партнери, ги утврдија министерските позиции, го укинаа вицепремиерското место за овој ресор, кое беше воведено во време на СДСМ, но сè уште не одлучиле кој ќе го води секторот, ако не Димовски.
– Ве информираме дека Владата навремено и транспарентно ќе ја информира јавноста кога ќе се назначи лице задолжено за областа добро владеење. Во овој момент, таа постапка сè уште не е финализирана – одговорија во петокот од Владата за „Слободен печат“, и оттогаш немаат соопштено ново име.
Првостепено условно осуден, човек од доверба на Мицкоски, ќе биде одговорен за добро владеење?
Името го објави „Слободен печат“ откако премиерот во телевизиско интервју, без да го спомене со име и презиме, кажа дека вицепремиер за добро владеење повеќе нема да постои како ресор во Владата, туку дека ќе биде под негови ингеренции.
– Ценам дека како концепт е добар и дека можеби би бил најпродуктивен ако биде дел од мојот кабинет. Во мојот кабинет има секретар задолжен за следење на реализацијата на програмата на Владата и на владините политики, па оттука ценам дека би било соодветно тој да биде одговорен и за добро владеење. Мислам дека еден член помалку во Владата, на ниво на потпретседатели, би било нешто што можеме да го претставиме пред јавноста – изјави Мицкоски во телевизиско интервју.
Мицкоски тврди дека не кажал така
Иако функцијата секретар за следење на програмата на Владата и на владините политики ја извршува токму Димовски, по неколку денови Мицкоски излезе со изјава дека тој не кажал дека Димовски ќе го управува овој сектор.
– Реков дека, како што ќе имаме секретар што врши мониторинг на реализацијата на програмата на Владата, ќе имаме и секретар за добро владеење. Нема да биде истото лице – рече Мицкоски.
„Слободен печат“ по интервјуто испрати прашања до Владата како функционер што бил обвинет ќе го подобрува секторот за добро владеење, но од Владата не одговорија и не демантираа дека Димовски ќе биде на ова место.
Димовски беше првостепено осуден во „Топлик“, заедно со поранешниот министер за транспорт и врски Миле Јанакиески, како еден од членовите на Комисијата за јавни наддавања при Министерството, за штета на буџетот од над еден милион евра.
Мицкоски вели дека Димитар Димовски нема да биде секретар за добро владеење
Апелација ја укинала првостепената пресуда и го вратила случајот на повторно судење, а во 2023 година јавниот обвинител се откажал од кривично гонење на обвинетите во случајот поради застареност на делото, кое настана како резултат на измените на Кривичниот законик.
Димовски беше обвинет и за „Шпански скали“ за незаконска продажба на градежно земјиште на плоштадот „Македонија“. Сепак, за овој предмет Судот уште пред неколку години донел ослободителна пресуда, затоа што Обвинителството не докажало вина надвор од разумно сомневање.
Димовски беше близок соработник и раководен државен службеник во Министерството за транспорт и врски за време на мандатот на ексминистерот Јанакиески, а беше и поранешен член на Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ.
Ем функционер, ем бизнисмен
Потоа, тој се поврзуваше со бизнисите на Мицкоски, а опозициската СДСМ обвинуваше дека е негов бизнис-партнер во хидроцентралите преку компанијата „Енерготек“. Името на Димовски беше актуелно во февруари годинава, кога неговата сопруга Ефимија Димовска беше назначена за директорка на Развојната банка. Тие тврдеа дека Димовска е сопственичка на една фирма, како и дел од управувачка структура на друг субјект.
Додека ВМРО-ДПМНЕ беше во опозиција, поранешниот премиер Зоран Заев во телевизиска дебата тврдеше дека на лидерските средби се интересирал за Димовски, а поранешниот вицепремиер Артан Груби од собраниска говорница тврдеше дека Мицкоски не побарал амнестија за ниту еден од поранешните министри и функционери на ВМРО-ДПМНЕ, ниту, пак, за осудените за 27 април, туку барал амнестија само за неговиот бизнис-партнер Димовски.
Управител е на две фирми во кои сопственик е неговата сопруга. Едната е „ХербаНатура“ за продажба на природни фармацевтски препарати, а втората е „Соларис“ за производство на електрична енергија од обновливи извори (фотоволтаици).
Ресорот „добро владеење“ е надлежен за спречување на корупцијата и судирот на интереси, за зголемување на транспарентноста, како и за почитувањето на етичките кодекси и на антикорупциските политики на Владата. Тој беше воведен во време на Владата на СДСМ и ДУИ, а последен вицепремиер во овој ресор беше Арбен Фетаи, кој два месеца не доаѓаше на работа, а притоа објавуваше фотографии од наводни посети на Тајланд. Два месеца откако не се појави на работа во Владата, Фетаи објави дека поднел оставка.


