ФОТО+ВИДЕО | Макета на Усје „чуреше“ пред Министерството за животна средина, додека активисти расправаа за поголема контрола над Цементарницата
Седнати на столчиња и опремени со транспаренти со еко-пораки, активистите на иницијативата „Стоп за Усје“ денеска ја блокираа улицата пред Министерството за животна средина и просторно планирање (МЖСПП). Во вид на граѓанско собрание, активистите заседаваа за граничните вредности и контролите за загадувањето, со цел да дадат до знаење дека треба да се земат предвид барањата на граѓаните и стручната јавност при подготовката на новата А-интегрирана еколошка дозвола на Цементарницата.
Препорачано
„Досегашната, која ја викавме ‘дозвола за легално труење’, беше издадена во 2020 година, а вчера, на 11 март, ‘Титан Усје’ го поднесе барањето за реобнова на А-дозволата до министерството за животна средина. Оттука, го потсетуваме министерството да ја постави на својот сајт, а го потсетуваме и на законското право за јавна расправа (за дозволата). Ние будно следиме, јавната расправа мора да се организира и да се прифатат нашите забелешки“, рече Мери Бакалова од „Стоп за Усје“ на блокираниот коловоз.


На улицата пред МЖСПП беше поставена и макета од Усје со оџаци што чадат, а пред неа и транспарент „А-дозвола за дишење наместо гушење“. Во перформативната акција беа вклучени и три празни столчиња со имињата на ресорниот министер Мухамед Хоџа, заменик-министерката Ане Лешоска и раководителката на одделението за Интегрирано спречување и контрола на загадувањето – Беса Татеши.
„За жал, уште од ноември праќаме официјални барања да се видиме со министерството, но безуспешно. Затоа испраќаме апел – важно е заедно да го истераме процесот, сите да бидеме победници“, рече Бакалова.

Во однос на прашањето на „Слободен печат“ кои се работите што ги имало во минатата дозвола, а не сакаат да се повторат во новиот документ, Бакалова посочи дека, меѓу другото, тоа се параметри за загадувањето.
„Честичките што излегуваат од фабриката се високи. Во новите забелешки, подготвени за дозволата заедно со експертите, стои барање граничниот праг значително да се намали. Втората работа се контролите. Наместо самите (Усје) да си ги прават котролите, бараме тие да ги прават надлежните институции. Тоа е суштината“, посочи Бакалова.

Иницијативата на неколку пати досега бараше да се акредитира државната лаботаторија за да го мери аерозагадувањето. Додека не се акредитира, таа е практично неупотреблива во борбата против загадувањето, а мерењата на индустриските капацитети ги прават приватни комерцијални лаборатории.
Исто така, еко-активистите бараа да се стави во функција мерната станица во Кисела Вода, „Усје“ да инсталира автоматски CEMS систем за континуирано мерење на своите оџаци, како и Цементарницата во производниот процес да премине кон почисти енергенси, како природен гас или водород. Воедно, „Стоп за Усје“ бараше да се ревидираат постојните мерки за прогласување вонредна еко-состојба, но и важечките гранични вредносни за опасните честички и супстанции да се усогласат со препораките на Светската здравствена организација.
„Слободен печат“ го контактираше, а потоа испрати и прашања до Министертвото за животна средина околу А-дозволата за Усје и дали ќе бидат земени барањата на активистите, но до објавување на текстот не добивме одговори.


