Пановски: Во Гостивар има епидемија, епидемиолози, каде сте? Ова не е политика!
„Во Гостивар има епидемија на гастроентеритис. Епидемиолози, каде сте? Ова не е политика, ова е ваша должност да реагирате“, повикува микробиологот Никола Пановски во објава на Фејсбук, по последните информации дека во изминатите 24 часа уште 260 пациенти побарале лекарска помош во гостиварската болница и сомнежите кои се истражуваат дека граѓаните се заразени од загадена вода.
Препорачано
„Во Гостивар има епидемија на гастроентеритис. 1.500 регистрирани со исти симптоми и најмалку уште 5.000 кои не се јавиле на лекар. Во еден град заболеле 30 отсто од населението од иста болест и нема услови за прогласување епидемија?! Е, па браво. Епидемиолози, каде сте? Ова не е политика, ова е ваша должност да реагирате“, повика тој.
Првично беше соопштено дека над 1.200 граѓани побарале лекарска помош, но министерот за здравство Александар Клековски рече дека ќе се почека да се утврди причината за заразата пред да се прогласи епидемија.
„Првите пациенти се јавиле во ноќта на 13 јули и оттогаш бројката е прилично константна. Над 200 граѓани дневно се јавуваат во болницата за интервенција. Во последните 24 часа има 100 побарани интервенции на педијатрија и 160 побарани интервенции на инфективното одделение“, рече Клековски.
Клековски: Во Гостивар прогласување епидемија ќе нема додека не се утврди причината


