Фото: mkd.basketball

Младинците убедливи и против Холандија, ќе се борат за деветтото место на ЕП

Македонската младинска кошаркарска репрезентација одигра уште еден убедлив натпревар на Европското првенство од Дивизијата „Б“ во Братислава, Словачка. Избраниците на селекторот Никола Велев ја совладаа Холандија со убедливи 89:60 и в недела ќе играат за конечен пласман на деветтата позиција.

По нешто послабиот старт, во кој Холандија ја искористи почетната иницијатива и поведе со 23:16 по првите 10 минути, македонските кошаркари целосно го презедоа натпреварот во свои раце. Во втората четвртина на површина излезе вистинскиот квалитет на оваа генерација, која уште еднаш потврди дека заслужува многу повеќе од разигрување за пласман од деветтото до 12. место.

Следуваа фантастични 10 минути во кои Македонија направи комплетен резултатски и играчки пресврт. Покрај одличната тимска игра, натпреварот донесе и еден редок податок – сите 12 кошаркари кои добија шанса од селекторот Никола Велев се запишаа меѓу стрелците, што е најдобра потврда за ширината и колективниот дух на репрезентацијата.

По скромниот шутерски почеток (0/8 за три поени во првата четвртина), нашите младинци целосно го поправија впечатокот во вториот период. Погодија шест тројки и со серија одлични напади заминаа на полувреме со убедлива предност од 48:34.

Македонија уште посилно го отвори и второто полувреме. Со серија од 12:0 ја зголеми разликата на 60:34 по само четири минути игра, практично решавајќи го победникот. Холандија успеа само минимално да ја намали негативата до крајот на третата четвртина (70:47), но немаше сили да се врати во натпреварот. До крајот, нашите кошаркари рутински ја зачуваа високата предност и заслужено стигнаа до една од најубедливите победи на шампионатот.

Најефикасен во македонскиот состав беше Ќириловски со 18 поени и шест скока, Марјановиќ додаде 12, додека Димовски и Петрушевски имаа по 10 поени. Утре, на последниот ден од Европското првенство во Братислава, Македонија ќе се бори за деветтото место, против победникот од дуелот меѓу Босна и Херцеговина и Азербејџан. Победата над Холандија уште еднаш покажа дека оваа генерација поседува квалитет, карактер и потенцијал за многу повисок дострел.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот