Сега ќе суди мундијалско финале, а пред шест години беше уапсен со српска старлета, дрога и оружје
Словенечкиот фудбалски судија Славко Винчиќ го достигна врвот на својата кариера, откако беше избран да го суди финалето на Светското првенство меѓу Шпанија и Аргентина. Станува збор за најголемото признание што може да го добие еден фудбалски судија, а ниту самиот тој не ги криеше емоциите кога му беше соопштено дека ќе ја има ваквата чест, па и се расплака.
Препорачано
Но, пред шест години Винчиќ се најде во центарот на голем скандал во Босна и Херцеговина, кога беше приведен во полициската акција „Кристал“ во Бијелина.
Акцијата беше насочена кон разбивање на мрежа осомничена за организирана проституција, трговија со дрога и нелегално поседување оружје, а меѓу приведените беше и српската старлета Тијана Максимовиќ, попозната како Тијана Ајфон. На ранчот каде што се одржувала забавата биле приведени десетина лица, меѓу кои и Винчиќ.
По сослушувањето во акцијата полицијата заплени кокаин, оружје и повеќе од 10.000 евра. Во изјава за словенечките медиуми, Винчиќ рече дека тоа е најголемата грешка во неговиот живот и објасни како се нашол на спорната забава.
„Освен што сум фудбалски судија, со години имам и сопствена компанија. Бев на службено патување во Босна и Херцеговина, каде што имав деловен состанок со партнери. По состанокот прифатив покана да одам на едно дружење, што подоцна се покажа како моја најголема грешка“, изјави Винчиќ.
Тој нагласи дека случајно се нашол на ранчот и дека не познавал никого од присутните.
„На ранчот имаше околу 40 луѓе кои никогаш претходно не сум ги видел. Со моите пријатели седевме одвоено, јадевме и пиевме, кога одеднаш пристигна полицијата. Немам никаква врска со луѓето кои подоцна беа приведени. По сослушувањето како сведоци, ни беше дозволено да си заминеме. Да не беше така, веројатно денес немаше да бидам тука и мојата приказна ќе имаше сосема поинаков тек“, рече тогаш словенечкиот арбитер.
Винчиќ истакна дека против него никогаш не била поведена постапка и дека во целиот случај учествувал исклучиво како сведок.
„Бевме сослушани само како сведоци. Не прашаа дали ги познаваме осомничените, а кога утврдија дека немаме никаква поврзаност со нив, ни рекоа дека можеме да си одиме дома“, додаде тој.
ВИДЕО | Винчиќ се расплака кога дозна дека ќе го суди финалето на Мундијалот


