Знаме Македонија и ЕУ / Фото: МИА

Ќе биде ли 30 септември пресвртница за Македонија на патот кон ЕУ

Клучниот момент за евроинтегративниот процес на земјава е 30 септември, кога Европската комисија првпат ќе излезе со извештај за новата стратегија за проширувањето, изјави претседателката Гордана Сиљановска-Давкова. Во интервју за Канал 5 таа оцени дека постои нов политички моментум во Унијата, но предупреди дека уставните измени сами по себе не се гаранција дека земјата нема повторно да се соочи со нови пречки на патот кон членството, посочувајќи на Вториот протокол од Договорот за добрососедство со Бугарија.

Јасно е дека ние сме подготвени да го фатиме чекорот со оние што се на прагот (Црна Гора и Албанија) и затоа не сакаат да нè остават да назадуваме за да го материјализираме овој реформски зафат што го правиме – рече претседателката.

Говорејќи за гаранциите што Владата ги бара од ЕУ, таа посочи дека Европската Унија располага со механизми преку кои може да спречи блокади засновани на идентитетски прашања што би ја спречиле билатерализацијата на евроинтегративниот процес.

ЕУ има механизми, интерпретативни мислења во кои ќе каже дека не може да се блокира евроинтеграцијата, не за нас, туку воопшто на кандидатите, доколку причините лежат во идентитетски прашања, доколку не се врзани за критериумите за напредување и оценување во рамките на ЕУ – посочи вели Сиљановска-Давкова.

Таа нагласи дека изворот на потенцијалните идни блокади е Вториот протокол меѓу Скопје и Софија.

Патот сигурно ќе се отвори за момент, но ќе се појави нова пречка, зошто – бидејќи треба изворот на пречките да го анулирате, а тоа е протоколот 2. Тој во себе иманентно содржи проблеми од ваков тип. Тие влегоа внатре во преговарачката рамка и во заклучоците продолжува расправата. Не може во еден момент да велите дека сте за дебилатеризација на евроинтеграцијата, а од друга страна да толерирате билатерализација – што е ова кон нас од страна на Бугарија? Затоа ние велиме – ајде да посегнеме по некоја вин-вин конструкција – изјави Сиљановска-Давкова.

Во однос на Бугарија, таа рече дека по неодамнешните контакти со бугарскиот премиер Румен Радев, гледа простор за интензивирање на дијалогот и за барање заеднички решенија, иако средбите се протоколарни, а не во насока на суштински дијалог.

Додека македонските власти очекуваат Европската Унија да понуди механизми што ќе спречат нови блокади врз основа на билатерални и идентитетски прашања, во Брисел се подготвува и нов нон-пејпер за иднината на проширувањето. Според ТВ Телма, документот, зад кој стојат осум земји членки, поинаков од германско-францускиот нон-пејпер за постепена интеграција, се залага за јасни и предвидливи правила во пристапниот процес и против воведување нови пречки за земјите кандидати.

Со нон-пејперот, на кој се потпишани Австрија, Италија, Хрватска, Словенија, Унгарија, Чешка, Словачка и Грција, се бара заштитните мерки, транзициските аранжмани и механизмите за следење по пристапувањето на новите членки да се користат пропорционално, временски ограничено и да бидат поврзани со објективно идентификувани потреби. Едно од барањата е и избегнување на непотребни нови пречки за земјите кандидати, односно, целната линија да остане видлива и стабилна.

Континуираното додавање нови барања, политички предуслови или институционални порти за време на трката би ги демотивирало кандидатите, би го поткопало кредибилитетот на европската перспектива и би го ослабнало сопственото влијание на Унијата во нејзиното соседство“, стои во документот.

Со него се бара и методологијата за пристапување да биде иста за сите земји, а не да се приспособува за секоја земја, со што би се компромитирала предвидливоста, а со тоа и кредибилноста на процесот. Со нон-пејперот се бара и еднаквост по пристапувањето.

Во делот на заштитните клаузули за новите членки се наведуваат и добрососедските односи, во насока на спроведување на меѓународните договори и по пристапувањето. Сепак, потписничките на нон-пејперот, меѓу кои е и Грција, наведуваат дека тоа нема да создаде нови обврски, туку ќе ги зајакне обврските што претставуваат составен дел од условите врз кои се темели пристапувањето.

Во пресрет на новата стратегија на Европската Унија за проширувањето, вниманието останува насочено кон тоа дали Брисел ќе понуди поконкретни механизми за поголема предвидливост на пристапниот процес и ќе ги намали можностите за нови политички блокади на земјите кандидати.

Во меѓувреме, на домашната политичка сцена во игра е нов предлог со кој Македонија би можела да ги почне преговорите со ЕУ без веднаш да ги спроведе уставните измени. Наместо гаранции од Брисел, идејата е државата сама да си постави „стоп-копче“ ако во процесот се појават нови услови што задираат во идентитетот.

Се разгледува нов механизам за пробив на патот кон ЕУ

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот