Се разгледува нов механизам за пробив на патот кон ЕУ

Опција Во игра е нов предлог со кој Македонија би можела да ги почне преговорите со ЕУ без веднаш да ги спроведе уставните измени. Наместо гаранции од Брисел, идејата е државата сама да си постави „стоп-копче“ ако во процесот се појават нови услови што задираат во идентитетот.

Ако Европската Унија не може да гарантира дека во текот на преговорите нема да се појават нови спорови и условувања, Македонија треба сама да си постави заштитни механизми.

Ова е предлогот на Александар Кржаловски, директор на невладиниот Македонски центар за меѓународна соработка (МЦМС), кој оценува дека е повеќе од јасно оти Брисел нема да попушти, па решението треба да се бара дома, преку таканаречени „внатрешни гаранции“.

Ваквиот предлог доаѓа откако еврокомесарката за проширување Марта Кос порача дека ниту една земја кандидат досега не добила гаранции оти во текот на преговорите нема да се појави нов спор, сè до моментот кога последната земја членка ќе го ратификува договорот за пристапување.

– Вистината е дека ниедна земја кандидат никогаш не добила гаранција дека нема да се појави друг спор за време на процесот на пристапување сè до моментот кога последната земја членка ќе го ратификува договорот за пристапување. Ова е начинот на кој функционира проширувањето на ЕУ. Важно е да се прифати оваа реалност – нагласи Кос.

Домашен механизам

Во такви околности, Кржаловски смета дека Македонија не треба да чека гаранции од Брисел, туку самата да постави „ограда“ што би ја заштитила државата доколку во иднина на маса се стават нови прашања што задираат во македонскиот идентитет.

– Очигледно е дека нема ЕУ да ги даде гаранциите. Тоа што застапуваат другите колеги се внатрешни гаранции, односно ние самите да ставиме доволно огради или наши заштитни механизми – вели тој.

Овие механизми, според Кржаловски, би можеле да се вградат директно во Уставот или преку други законски акти.
Таквото решение, како што објаснува, би значело автоматско прекинување на преговорите доколку во иднина се отворат нови условувања поврзани со идентитетски прашања.

Со тоа, идејата не би била Европската Унија да даде гаранција што досега не била дел од практиката на проширувањето, туку Македонија самата да постави домашен политички и правен механизам.

Според Кржаловски, таквата заштита би важела и во случај на промена на власта во иднина.

– Ние 33 години ја живееме другата алтернатива… Ниту сме во Југославија ниту сме во ЕУ. Така што, еве ја, таа е алтернативата. Ако ни се допаѓа вака, да си останеме вака – рече Кржаловски додавајќи дека Владите се избрани за да ги решаваат проблемите, а не да ги одложуваат.

Предлогот не е нов, ама не е ни лош

Предлогот за поставување заштитни механизми не е нов и можам слободно да кажам дека не е воопшто лош, изјави политичкиот аналитичар Петар Арсовски за „Слободен печат“.

Тој проценува дека актуелната опозиција не би требало да има проблем со воведување ваков вид механизам, но веројатно актуелната власт не би била премногу среќна ако се случи такво нешто.

– Имаме две опции. Првата е да се изгласа специјален закон со двотретинско мнозинство, кој ќе ѝ овозможува на секоја идна власт непречено да ги прекине преговорите со Европската Унија доколку во текот на процесот се појават нови услови и нови спорни барања кои задираат во нашиот идентитет. И јас не гледам причина зошто опозицијата не би се согласила на вакво нешто, но власта е таа којашто ќе треба да го аминува предлогот. Па, така, сѐ е во рацете на власта. А исто така сметам дека власта не би била најсреќна со воведувањето вакви механизми, бидејќи таа бара исклучиво гаранции од ЕУ, а не гаранции од самата себеси. А гаранции од ЕУ, како што ни кажа и самата Марта Кос, никогаш немало и нема ни да има. Секако, постои и втора опција, која значи спроведување уставни измени со одложено дејство. Но, проблемот е што во овој случај преговарачкиот процес буквално ќе виси на конец – објаснува Арсовски.

Неговиот впечаток е дека Европската Унија во последно време како да го намалува притисокот врз Македонија кога станува збор за спроведување на обврските што водат до евентуален почеток на преговори. А тоа, според Арсовски, никако не е добра вест за нас.

– Целиот фокус сега е ставен на Украина и на Молдавија, а Македонија како да е чучната некаде на крајот во чекалницата. А тоа воопшто не е добро за нас. Многу добро знаеме колкава цена плаќаат земјите што стојат во место и кои не напредуваат во процесите – вели Арсовски.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот