Фото: „Рустика Вединг Хол“

Кетеринг-фирмата по труењето со храна на работници од „Микросам“: Инспекциите кај нас не утврдија пропусти

Конечните инспекциски контроли и лабораториски анализи потврдија дека не се утврдени санитарно-хигиенски или санитарно-технички недостатоци, ниту контаминација во кујната, работните простории и анализираните примероци од храната, соопштија од кетеринг-компанијата „Рустика Вединг Хол“, која го подготвувала оброкот по кој 44 вработени во прилепската компанија „Микросам“ се затруја со салмонела.

Оброкот, макарони со урда и јајца, бил послужен во понеделникот, на 29 јуни, потврдија од прилепскиот Центар за јавно здравје по извршените анализи.

„Сите досега спроведени инспекциски контроли и лабораториски анализи потврдија дека не се утврдени санитарно-хигиенски или санитарно-технички недостатоци, ниту контаминација во работните простории, кујната и анализираните примероци од храната. Дополнително, лабораториските анализи на примероците од храната не утврдија присуство на бактерии или друга контаминација, што потврдува дека во анализираните примероци не се констатирани отстапувања од пропишаните стандарди за безбедност на храната и важечките законски прописи. Пред сè, искрено жалиме за непријатностите што ги претрпеа сите засегнати од овој настан. Искрено се надеваме дека сите кои беа погодени од случувањата се чувствуваат добро и дека оваа непријатна ситуација е зад нив“ се вели во соопштението на компанијата.

Оттаму додаваат дека од самиот почеток целосно и транспарентно соработувале со Државниот санитарен и здравствен инспекторат, Центарот за јавно здравје – Прилеп, Институтот за јавно здравје и Агенцијата за храна и ветеринарство, овозможувајќи непречено спроведување на сите инспекциски надзори, лабораториски анализи и дополнителни проверки.

Во согласност со Националниот протокол за постапување при сомневање за труење со храна, веднаш биле преземени сите предвидени мерки, вклучително и привремена забрана за вршење дејност до завршување на инспекциските постапки и добивање на сите лабораториски резултати.

Од компанијата посочуваат дека во петокот повторно ги отвориле своите кујни, откако биле исполнети сите услови за тоа.

„По исполнувањето на сите услови за продолжување со работа, повторно ги ставаме во функција нашите кујнски капацитети и продолжуваме да обезбедуваме кетеринг услуги со истата посветеност на квалитетот, безбедноста на храната и професионалните стандарди кои со години претставуваат темел на нашето работење. Како компанија која својата доверба ја гради со години, остануваме доследни на принципите на професионалност, одговорност и високи стандарди за безбедност на храната. Континуирано инвестираме во системи за контрола на квалитетот, обука на персоналот и примена на сите законски и стручни протоколи, со цел на нашите корисници секогаш да им обезбедиме безбедна и квалитетна услуга“ велат од компанијата.

Оттаму додаваат им се заблагодаруваат на надлежните институции за, како што велат, професионалниот пристап и темелно спроведените инспекциски контроли и лабораториски анализи, како и на јавноста за трпението додека траеше процесот на утврдување на фактите.

„Во интерес на јавноста и на сите засегнати, веруваме дека е важно институциите целосно да го расветлат случајот и да го утврдат причинителот и изворот на контаминацијата. Како и досега, „Рустика Вединг Хол“ останува целосно отворена за соработка и подготвена да обезбеди каква било дополнителна поддршка што ќе биде побарана од надлежните органи“ посочуваат од кетеринг-компанијата „Рустика Вединг Хол“.

Макарони со урда, јајца и салмонела затруле 44 работници во прилепски „Микросам“

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот