Макарони со урда, јајца и салмонела затруле 44 работници во прилепски „Микросам“
Бактеријата салмонела го предизвикала труењето со храна на 44 вработени во прилепската компанија „Микросам“ кои јаделе оброк приготвен од кетеринг-фирмата „Рустика“ од градот. Оброкот, макарони со урда и јајца, бил послужен во понеделникот, на 29 јуни, велат од прилепскиот Центар за јавно здравје по извршените анализи.
Препорачано
-
1
-
2
-
3
Според епидемиологот д-р Татијана Станимировиќ, од досегашното истражување се покажа дека 44 од 58 вработени во прилепската компанија „Микросам“ кои на 29 јуни конзумирале ист оброк имаат симптоми на труење со храна. Односно, стапката на заболувањето од труење со храна е висока и изнесува 75,5 проценти од експонираните. Од овие 44 лица, 6 беа хоспитализирани во прилепската градска болница, а останатите се со средно тешка и полесна клиничка слика.
– Самиот тек на епидемијата, наглиот почеток, брзото достигнување на максиумот на заболени и наглото престанување, ни покажува дека станува збор за акутно труење со храна, а истовремено и на еднократно изложување на заболените, што, всушност, и ни е познато. Се работи за труење со храна предизвикано од бактеријата салмонела. Од 23 примероци на столица, земени од заболените, кај 11 е потврдено присуството на оваа бактерија. Ваквите труења, предизвикани со салмонела, најчесто се јавуваат по конзумирање на сирова храна или недоволно термики обработена храна од животинско потекло, месо, јајца, млеко или нивни продукти. Во овој случај, за време на ручекот, значи во понеделникот на 29 јуни, во мензата на фабриката била поделена храна – макарони со јајца и изварка. Од оваа храна конзумирале вкупно 58 од присутните во првата смена, додека пак, другите 43 лица консумирале друг оброк кој тој ден бил на менито. Кај тие кои конзумирале друг оброк, нема симптоми на акутно труење, објаснува д-р Станимировиќ.
За време на увидите кои биле направени во кујната каде се приготвувала храната, не биле затекнати продуктите кои биле употребени за подготовката на храната, јајцата и изварката кои, најверојатно, еден од овие продукти, се извор на салмонелата. Земен е примерок од готов оброк за кој се чекаат резултати.
– Не може да кажеме дека изворот е утврден, туку е претпоставен и најверојатен. Земен е примерок од готов оброк, но сѐ уште не се готови резултатите од испитувањата кои се вршат во микробиолошката лабараторија при Институтот за јавно здравје во Скопје. Но, каков и да е резултатот, ние нема да ја отфрлиме претпоставката дека извор на труењето е храната, вели Станимировиќ.
Труењето предизвикано од бактеријата салмонела трае од три до седум дена, зависно од клиничката слика. Но лекувањето може да трае три и повеќе недели, па една од мерките е заболените да се изолираат од средината и контактот со другите.
Инспектори ја затворија мензата во РЕК Битола поради можно труење со храна на 80 вработени


