Проф. д-р Денко Скаловски / Фото: PikëPamje / Јутјуб / скриншот

Почина поранешниот професор на Филозофскиот факултет, Денко Скаловски

Филозофскиот факултет на универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во објава на социјалните мрежи со длабока тага ја извести академската и пошироката јавност дека почина д-р Денко Скаловски, редовен професор во пензија.

Скаловски е роден во 1956 година во Скопје, во семејството на доајенот на современата македонска музика, композиторот и педагог Тодор Скаловски.

Професорот Денко Скаловски студирал театарска режија во Белград, а потоа филозофија на Филозофскиот факултет во Белград, каде дипломирал во 1981 година. Магистрирал во 1992 година со трудот „Етиката на одговорноста кај Ханс Јонас“, а докторирал во 2000 година со дисертацијата „Антиподи на современата филозофија на музиката“.

Во академската кариера бил избран за доцент во 2000 година, а за редовен професор во 2010 година. Во 2010 и 2015 година престојувал на постдокторски студии на Универзитетот „Јохан Волфганг Гете“ во Франкфурт на Мајна, под супервизија на професорот Аксел Хонет.

Неговите научни и истражувачки интереси опфаќаа филозофија, филозофија на родот, филозофија на културата, филозофија на уметноста (естетика), историја на родот и полот и социологија на спортот.

Телото ќе биде изложено во капелата во Ѓорче Петров утре (четврток, 9 јуи) од 12 до 13 часот, а погребот ќе се одржи од 13 часот.

„Изразуваме искрено сочувство до неговото семејство, колегите, пријателите, студентите и сите што имаа чест да соработуваат со него. Нека почива во мир“, се вели во соопштението на Филозофскиот факултет.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот