Нема потврда дека рибата која повреди жена на Пелопонез била „зајачка глава“
Грчките доктори кои ѝ укажувале помош на 64-годишната жена повредена од риба на плажа во градот Патра на Пелопонез, велат дека таа најверојатно била удрена со перка, а не касната. Нема потврда ниту за шпекулацијата дека станува збор за напад на рибата „зајачка глава“ (лагокефалос) бидејќи трагите од нападот не се од каснување, туку гребаници, пишува порталот „Ин.гр“.
Препорачано
Според локалните медиуми од Пелопонез, рибата лагокефалос никогаш не е забележана во тој дел од Грција.
Повредената жена примила серум против тетанус и антибиотици и таа е во добра состојба. Според директорот на болницата, Хараламбос Бакопулос, за нападот речиси сигурно не е одговорна рибата „зајачка глава“ и на вратот на жената нема траги од каснување. Всушност, доколку навистина би била касната од „зајачка глава“ во вратот, жената не би излегла од морето, дециден е докторот.
—Жената дојде во Здравствениот центар за да ја третираме абразијата и црвенилото што ги имаше во пределот на вратот. Тука ѝ беше укажана прва помош. Доби серум против тетанус и антибиотици. Ја прашав дали е сигурна дека станува збор за риба зајак. Таа одговори дека така ѝ изгледало. Истото го кажаа и нејзините придружнички — изјави Бакопулос.
Лекарите велат дека не можат да потврдат дали станува збор за риба зајак, а Бакопулос додаде дека е можно да станува збор за некој друг вид риба, кој е почест во тој регион.


