Трендафилов: Не ни треба повисока пензиска граница, туку предвремено пензионирање
Сојузот на синдикатите на Македонија е сериозно загрижен од отворањето на дискусијата за зголемување на пензискиот стаж за остварување на правото на старосна пензија, а особено што во јавноста се споменува можност за доброволна работа и по исполнета старосна граница за пензија до 72 години.
Во Македонија во моментов не постои можност за редовно пензионирање само врз основа на исполнет работен стаж. Според важечкиот Закон за пензиското и инвалидското осигурување, право на старосна пензија се стекнува со навршени 64 години возраст за мажи и најмалку 15 години пензиски стаж, односно 62 години возраст за жени и најмалку 15 години пензиски стаж. Иако периодично во јавноста се отвораат дебати за воведување пензионирање врз основа на работен стаж, како и за евентуално зголемување на старосната граница, законската рамка засега не е променета.
Токму ваквите најави повторно ја отворија дебатата за иднината на пензискиот систем откако во јавноста се појавија информации дека како една од опциите се разгледува и зголемување на возраста за пензионирање, па дури се споменува и можност за доброволна работа до 72 години и покрај навршената возраст за пензија.
Препорачано
На ваквите идеи остро реагира Сојузот на синдикатите на Македонија (ССМ), кој предупредува дека продолжувањето на работниот век не е решение за проблемите во пензискиот систем. Претседателот на ССМ Слободан Трендафилов смета дека државата треба да оди во сосема спротивна насока – да овозможи повеќе услови за предвремено пензионирање, а не дополнително да го продолжува работниот век.
– Потребно е предвремено пензионирање, а не зголемување на пензиската граница. Сојузот на синдикатите на Македонија е сериозно загрижен од отворањето на дискусијата за зголемување на пензискиот стаж за остварување на правото на старосна пензија, а особено што во јавноста се споменува можност за пензионирање на 72 години – изјави Трендафилов.
Тој потсетува дека ова не е првпат да се појавуваат вакви идеи и дека и претходно имало иницијативи за продолжување на работниот век, но тие, според него, никогаш не понудиле вистинско решение за состојбите во пензискиот систем.
– И во минатото сме биле сведоци на вакви несериозни предлози, и тоа од луѓе што не се работниците, а одлуките секогаш биле на штета на работниците. Ваквите избрзани мерки, преку зголемување на стапката на придонес или продолжување на возраста за пензионирање, служат само за привремено покривање на дефицитот во Пензискиот фонд, додека структурните проблеми остануваат нерешени – нагласува претседателот на ССМ.
Според него, државата не треба да бара решение во тоа работниците да остануваат подолго на работните места туку да создаде услови за поголема вработеност и повисоки плати.
– Потребни се сериозни политики и мерки за зголемување на бројот на вработени млади луѓе преку отворање реални и одржливи работни места, како резултат на нови домашни и странски инвестиции. Потребно е и континуирано зголемување на платите, бидејќи така ќе се зголемат и средствата што се слеваат во Фондот за пензиско и инвалидско осигурување, а истовремено ќе се намали сиромаштијата – вели Трендафилов.
Тој додава дека задржувањето на младите во Македонија е клучен предуслов за стабилен пензиски систем.
– Потребни се политики за пристојна работа за сите, со почитување на правата од работен однос и меѓународните трудови стандарди за да останат младите луѓе да живеат и да работат во сопствената држава. Ако продолжи иселувањето, нема да има кој да го полни пензискиот фонд, без разлика колку ќе се зголеми старосната граница за пензионирање младите луѓе – велат од ССМ.
Трендафилов се повикува и на службените статистички податоци за животниот век во државата.
– Според Статистичкиот годишник на Република Северна Македонија за 2025 година, очекуваниот животен век е 76,63 години. Се поставува прашањето – дали идејата е луѓето наместо да уживаат во пензијата, да работат речиси до крајот на својот живот? – прашува претседателот на ССМ.
Наместо зголемување на возраста за пензионирање, ССМ предлага серија конкретни решенија, кои, според синдикатот, ќе бидат поправедни и поодржливи. Еден од главните предлози е воведување можност за пензионирање по исполнет работен стаж – 40 години работен стаж за мажи и 35 години за жени, без оглед на возраста. Синдикатот предлага и воведување предвремено пензионирање, можност за старосна пензија по возраст или по работен стаж, како и воведување бенефициран стаж за градежните работници и за сите професии што се извршуваат во особено тешки и ризични услови.
– Потребно е да се овозможи и предвремена старосна пензија, неполна старосна пензија по возраст, како и можност за докуп на стаж. Работниците што целиот живот работеле во тешки услови не смеат да бидат принудени да работат уште подолго – истакнува Трендафилов.
Освен реформите во пензискиот систем, ССМ смета дека државата мора сериозно да се справи и со сивата економија.
– Потребни се сеопфатни мерки за трансформација на непријавената работа во пријавена работа и целосен ангажман на инспекциските служби за наплата на социјалните придонеси. Поради непријавената работа државата годишно губи околу 250 милиони евра, средства што остануваат во џебовите на работодавачите наместо да се слеваат во социјалните фондови – вели претседателот на ССМ.
Според него, токму овие средства би можеле значително да придонесат за стабилизација на пензискиот фонд, без да се наметнува дополнителен товар врз работниците. Трендафилов предупредува дека продолжувањето на работниот век директно ќе влијае врз здравјето на работниците, особено на оние што работат физички тешки и ризични професии.
– Не може да си играме со здравјето и животот на работниците и на граѓаните. Не може без нивна волја да им се продолжува работниот век и да се одложува заслуженото пензионирање само за да се прикриваат последиците од лошите политики што се воделе со години – вели тој.
На крајот, претседателот на ССМ испраќа порака дека државата мора да се насочи кон решавање на вистинските причини за слабостите во пензискиот систем, а не кон мерки што, според него, повторно ќе паднат на товар на работниците.
– Ваквите предлози ги избркаа младите работници од Македонија, а сега некој сериозно сака да ги избрка и постарите работници. Решението не е луѓето да работат подолго, туку да создадеме држава во која повеќе луѓе ќе работат, ќе земаат повисоки плати и ќе придонесуваат во пензискиот систем – вели Трендафилов.
https://www.slobodenpecat.mk/trendafilov-edna-minimalna-plata-ne-e-dovolna-ni-za-leb-i-voda-ssm-na-protest-za-povisoki-plati-i-dostoinstven-zhivot-na-1-maj/


