До 1 септември десет македонски компании ќе добијат шанса да се подготват за Берза
Македонските компании кои сакаат да растат и да обезбедат средства за развој преку пазарот на капитал добиваат нова можност. До 1 септември тие ќе можат да аплицираат за проектот за пазарно финансирање, кој го започна Македонската берза со поддршка од Европската банка за обнова и развој (ЕБОР).
Препорачано
-
1
-
2
-
3
Целта е домашните перспективни компании да се подготват за можноста во иднина да издаваат акции или обврзници и да обезбедат капитал од инвеститори, наместо да се потпираат исклучиво на банкарски кредити. Во проектот ќе бидат избрани до десет компании кои ќе добијат професионална анализа на нивната подготвеност за излез на пазарот на капитал. Тие ќе поминат низ посебна програма за обука и ќе добијат препораки како да ги подобрат своите финансиски процеси, корпоративното управување и комуникацијата со потенцијалните инвеститори.
-Банкарскиот кредит е главната врата до капиталот, но секоја здрава економија треба да има и друга врата – пазарот на капитал, IPO на акции, корпоративни обврзници и широка лепеза на инвеститори- изјави директорот на Македонската берза, Иван Штериев.
Тој посочи дека македонските компании во моментов најчесто се потпираат на кредитирање од банките, но дека за развој на економијата е важно да постојат повеќе начини за пристап до капитал.
-На Македонија ѝ недостигаат повеќе компании кои се подготвени да привлечат капитал од различни видови инвеститори. Не сакаме компаниите да излезат на берза само затоа што некој ги убедил, туку затоа што самите ќе проценат дека тоа е добро за нивниот развој – рече Штериев.
Според него, компаниите со добра организација и соодветни финансиски и правни тимови би можеле да се подготват за излегување на берза во период од шест до 12 месеци.
-Доколку компанијата има добра внатрешна експертиза, процесот може да биде завршен во релативно краток период. Кај компаниите кои немаат развиена административна структура, подготовката може да трае подолго, но токму затоа постои овој проект – да им помогне и да ги насочи- додаде Штериев.
Од ЕБОР велат дека целта не е само евентуално зголемување на бројот на компании на берзата, туку и подобрување на нивната подготвеност за привлекување инвестиции.
-Компаниите ќе добијат знаење за пристапот до пазарот на капитал, ќе ги подобрат интерните процеси, корпоративното управување, транспарентноста и финансиското известување- изјави Маја Толеска Костадинова од ЕБОР.
Таа додаде дека благодарение на поддршката од Европската Унија, дел од трошоците за проектот ќе бидат покриени преку грант средства.
-За средни компании поддршката ќе изнесува 60 отсто од трошоците, а за микро и мали компании до 70 отсто- појасни Толеска Костадинова.
Проектот ќе го спроведуваат PwC Северна Македонија и PwC Хрватска, кои ќе работат со компаниите на нивната подготовка за потенцијално пазарно финансирање. Од Македонската берза сметаат дека ова е чекор кон поголемо отворање на домашниот пазар за инвестиции. Како пример ги посочуваат соседните земји, каде што IPO процесите веќе се почеста практика.
-Проектот не гарантира дека веднаш ќе има нови IPO-а, но гарантира дека ќе се зголеми подготвеноста на компаниите да направат таков чекор кога ќе бидат подготвени- порача Штериев.
Компаниите кои сакаат да бидат дел од програмата имаат рок за аплицирање до 1 септември.


