ФОТО | Ги дочекаа своите пет минути — Белгијците ја исмеаја ФИФА по победата над САД
Белгија со убедливи 4-1 ги совлада САД и обезбеди место во четвртфиналето на Светското првенство, но по натпреварот внимание привлече и пораката што белгиската репрезентација ја испрати преку социјалните мрежи.
Препорачано
Веднаш по последниот судиски свиреж, официјалните профили на белгискиот национален тим објавија фотографија од прославата на голот на Лукаку, а под неа краток опис:„Overturn this“ („Поништете го ова“).

Со оваа порака Белгијците јасно алудираа на контроверзната одлука на ФИФА да му дозволи настап на американскиот напаѓач Фоларин Балогун, иако заработи директен црвен картон во претходниот натпревар против Босна и Херцеговина.
Според правилата, Балогун автоматски требаше да го пропушти осминафиналниот дуел, но непосредно пред натпреварот ФИФА ја суспендираше казната и му овозможи да настапи против Белгија.
Одлуката предизвика бурни реакции во фудбалската јавност, а повеќе светски медиуми објавија дека американскиот претседател Доналд Трамп во меѓувреме разговарал со првиот човек на ФИФА, Џани Инфантино, барајќи повторно разгледување на суспензијата.
Белгискиот фудбалски сојуз потоа ја обвини ФИФА за нетранспарентност во процесот на донесување на одлуката и најави правна постапка. По убедливата победа, белгиските репрезентативци не го криеја задоволството.
„Во животот секогаш постои правда. Сметавме дека тоа што се случи не беше фер, а денес одговоривме на теренот“, изјави белгискиот играч за врска Николас Раскин.
Иако Балогун доби можност да настапи, не успеа да им помогне на САД да избегнат убедлив пораз. Белгија со сигурна игра обезбеди пласман меѓу осумте најдобри, ставајќи точка на една од најконтроверзните приказни на досегашниот тек од Светското првенство.
ВИДЕО | Џабе реагираше Трамп — ниту Балогун не ги спаси САД од дебакл против Белгија


