Србија нема поддршка да го отвори третиот кластер, Холандија е подготвена да стави вето
Напорите на Европската комисија да го унапреди барањето на Србија за членство во Европската Унија веројатно нема да ја добие потребната поддршка од земјите членки, што открива растечки раскол околу тоа како земјите кандидатки треба да заслужат напредок на патот на европската интеграција, пишува „Политико“.
Препорачано
Според порталот, Комисијата ќе побара од амбасадорите на Европската Унија кои се состануваат во среда во Брисел да го одобрат отворањето на групата број три во преговорите за пристапување на Србија кон Унијата.
Сепак, неколку европски влади се скептични кон потегот, а Холандија е подготвена да стави вето, објави Политико, повикувајќи се на повеќе неофицијални дипломатски извори.
Порталот оценува дека ова несогласување го одразува видот на полемика што се води околу целта и методите на приклучување во рамките на самата Унија.
Политико објаснува дека отворањето на третиот кластер би значело почеток на хармонизирање на правилата на Србија за прекугранични услуги со единствениот пазар на Европската Унија и ја цитира изјавата на министерот Немања Старовиќ дека „тоа отворање требало да се случи одамна и дека Србија е запрена во овој момент речиси пет години“.
Политико потсетува дека одлуката бара едногласност од сите 27 земји членки, од кои неколку изразија загриженост за состојбата со човековите права во Србија.
Според порталот, Холандија ќе продолжи да се спротивставува на понатамошниот напредок на Србија во оваа ситуација.
Тој, исто така, ги наведува проценките на дипломатите од две други земји членки на ЕУ дека е малку веројатно притисокот за отворање „нов кластер“ да продолжи наскоро.
„Чекор напред на патот кон членство на земја што одржува блиски односи со Русија би испратил погрешна порака во време кога Украина и Молдавија сè уште не ги отвориле сите свои преговарачки кластери“, објасни неименуваниот дипломат за Политико.
Дипломатот, кој е против планот проширувањето да стане „геополитичка алатка“ за понатамошниот неевропски пат на Србија, оцени дека оваа идеја функционира само „додека земјата навистина не е внатре, а потоа станува главоболка од геополитички размери“.


