Путин и Вучиќ на 9 мај 2025 година во Москва / Фото: EPA-EFE/ALEXANDER ZEMLIANICHENKO/AP POOL

Србија ризикува да изгуби милијарди евра помош од ЕУ поради врските со Русија и демократските назадувања

Србија се соочува со загуба до 1,5 милијарда евра од фондовите на Европската Унија, додека Европската комисија ја разгледува можноста за суспендирање на финансирањето поради демократското назадување на земјата и блиските врски со Русија, пишува Нова.рс.

Како што пренесува српскиот медиум повикувајќи се на текст на бриселски „Политико“, иако Србија не е членка на ЕУ, од почетокот на преговорите за пристапување во 2014 година, земјата има право на средства и грантови наменети за спроведување на реформите.

„Се повеќе сме загрижени за тоа што се случува во Србија“, изјавила за Политико комесарката за проширување на ЕУ, Марта Кос.

„Од закони што ја поткопуваат независноста на судството до потиснување на протестите и постојано мешање во независните медиуми. Комисијата проценува дали земјата се уште ги исполнува условите за исплаќања од финансиските инструменти на ЕУ“, рече Кос.

Сумата што се споменува не е случајна. Во последниот извештај за Србија, Европската комисија наведува дека земјата може да смета на индикативна алокација од 1,586 милијарди евра преку грантовите за реформи и раст (Reform and Growth Facility) за Западен Балкан. Претходно и претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен изјави дека Србија, во рамки на европскиот план за раст, треба да добие 1,5 милијарди евра, со префинансирање од 110 милиони евра како прв чекор.

Она што засега недостига е официјална потврда дека овие средства навистина ќе бидат блокирани, пренесува медиумот. Во јавно достапните документи на Европската комисија нема објава за конечна одлука за суспензија на финансирањето за Србија.

Ако ваков потег сепак се случи, последиците би биле и политички и економски. Средствата од европскиот план не се само буџетска поддршка, туку се врзани со реформи, инвестиции и постепено приближување кон европскиот пазар, наведува Политико.

Инаку, ЕУ веќе јавно ги критикуваше судските реформи спроведени од српскиот претседател Александар Вучиќ, чија влада се соочи со масовни протести изминатиот период посочува Нова.рс.

Даниел Апостоловиќ, амбасадор на Србија во ЕУ и главен преговарач, за Политико изјави дека е „уверен дека нема да има суспензија на финансирањето“ и дека „Србија не се откажува од полноправно членство во ЕУ“. Тој додаде дека Белград е во интензивни разговори со Комисијата.

Пакетот закони за реорганизација на судовите и промените во начинот на избор на судии и обвинители претставува „сериозен чекор назад“, предупреди Кос кога беа објавени законите.

Во меѓувреме Венецијанската комисија, советодавното правно тело на Советот на Европа, треба да издаде експертско мислење за контроверзните закони на Србија подоцна овој месец.

Претставниците на ЕУ на неколку пати досега истакнуваа дека тоа мислење може да биде причина за замрзнување на финансирањето. Кос рече дека ќе бара од Србија „да ги усогласи своите судски закони со препораките на Венецијанската комисија“.

Белград „јасно стави до знаење“ дека ќе ги следи препораките штом ќе бидат објавени, рече Апостоловиќ.

Одење по тенка линија со Русија

Инаку, ЕУ е најголемиот финансиски партнер на Србија, а од 2021 до 2024 година додели повеќе од 586 милиони евра во грантови. Дополнителни 1,5 милијарди евра се достапни под услов на реформи. Според српската влада, земјата добила повеќе од 7 милијарди евра во средства и инвестиции од ЕУ од 2000 година.

Сепак, Србија долго време балансира помеѓу ЕУ и Русија, зајакнувајќи ги врските со Москва, а воедно добива и финансирање од Брисел.

Софија Тодоровиќ, директорка на Младинската иницијатива за човекови права (YIHR), изјави за Политико дека слободата на медиумите и владеењето на правото во Србија се на одржување во живот поради притисокот од владата врз новинарите и ја повика Комисијата да дејствува „пред Србија да падне во речиси целосен мрак“.

Трпението на ЕУ кон Белград се намалува во последните месеци. Во остриот извештај за напредокот од минатиот ноември беше предупреди за назадување и „антиевропски наратив“ на „највисоките нивоа“ на српската политика.

Тензиите дополнително се зголемија во декември кога претседателот Вучиќ одби да присуствува на самитот ЕУ-Западен Балкан. Вучиќ, кој одржуваше блиски врски со Москва за време на војната во Украина, го критикуваше бавното темпо на преговорите за членство.

Во заеднички текст со својот албански колега во февруари, тој рече дека би сакал да види подлабока економска интеграција со ЕУ – како што се пристап до единствениот пазар и зона на слободно движење, отколку полноправно политичко членство.

Кос ги отфрли тие предлози, велејќи дека сè уште се потребни сериозни реформи.

Србија исто така беше критикувана минатиот месец поради обвинувањата за насилство и нерегуларности на локалните избори, како и полициска акција на универзитет што доведе до судири со студентите.

Официјален претставник на ЕУ рече дека настаните, заедно со континуираната соработка на Србија со Москва, претставуваат пресвртница во односите меѓу Брисел и Белград и доведоа до зацврстување на ставот на ЕУ.

 

 

 

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот